Пишува: Тања Мицков-театарски работник
Понекогаш културните кризи не почнуваат со цензура, ниту со забрани, туку со нешто многу посуптилно, со правни интервенции што изгледаат технички, а всушност се суштински. Одлуки што не го напаѓаат директно уметничкиот израз, а го еродираат неговото постоење. Тивко. Процедурално. Со печат и потпис. Со датум. Со упатство. Со решение.
Хана Арент еднаш забележа дека највисока форма на злото не е демонската туку баналната, онаа извршена без мраз во погледот, со сосем уредни документи на бирото.
Во очи на Велики четврток, денот кога Јуда Искариот ја претвори лојалноста во трансакција, културата во Македонија доби институционална лекција за својата, всушност реална позиција во хиерархијата на државните приоритети. Оваа евангелска паралела не застанува кај Јуда, продолжува со сета своја суровост, до Голгота.
Уставниот суд на Република Македонија отвори постапка за укинување на Колективниот договор во културата, документ што уметниците го чекаа 30 години и се изборија за истиот низ 15 години синдикална борба. Шест години тој договор беше повеќе од правен акт, беше доказ дека системот, макар минимално, ја признава вредноста на трудот во културата. Истиот ден, истиот суд укина закон што предвидуваше намалување на платите на судиите.
Оваа временска симетрија ни малку не е случајност, затоа што е порака “испишана со уставно-судска прецизност”, читлива само за оние кои сакаат да ја читаат и јасна, освен за оние што одлучиле да не ја разберат.
Правниот ефект сега веќе отвора и нови фронтови, најмалку пет сродни закони, оние што ги уредуваат платите на избраните и именуваните лица, членовите на Судскиот совет, јавните обвинители, членовите на Советот на јавните обвинители и пратениците дефакто стануваат ранливи на истиот пристап. И така домино-ефектот е активиран, останува само нарачателот да го избере душегрижникот кој загрижено ќе стави потпис и адвокатски печат на “оспорување на неправдата”.
Врвот на институционалната пирамида се самозаштитува, додека основата, односно уметниците, практичарите, создавачите ќе останат изложени и посочени со прст во очите на цела јавност, со веќе добро испраксираниот наратив. Во таков контекст, културата не е колатерална штета, таа едноставно е само првата жртва. И “не намерна”, се разбира. Затоа што, доколку сакаш да уништиш една држава, (по)ништи ја културата.
Во изминатите две години Министерството за култура не изгради никаква стратегија за развој, единствено воспостави модел на постепено поткопување, административни блокади, релативизирање на статусот на уметникот и симболичко деградирање на професијата. И тогаш, наместо културна политика се спроведува културна редукција: методична, стрплива, лишена од “драматуршка грешка”.
Самата улога на Министерот, и самиот тој “уметник по формација”, во оваа слика добива речиси класична трагична димензија. Не трагична затоа што е “злобен актер”, туку затоа што е нешто многу понеподносливо, актер кој можеби и ја препознава неправдата, но “стоички” ја легитимира преку процедура. Тој со “измиени” раце стои пред системот и вели: “Јас не сум виновен за оваа крв”.
Понтиј Пилат, да се потсетиме, исто така беше администратор и исто така постапуваше по процедура. Алберт Ками би рекол дека апсурдот не е во злото, туку во моментот кога системот ја прифаќа сосема природно сопствената неправда со административна смиреност и продолжува да функционира “без око да му трепне”. И токму тоа е вистинскиот “бунт против смислата”.
Но Евангелието не завршува со Пилат. Во позадината на Распнувањето стојат и немите сведоци, оние кои знаеле, кои биле присутни, кои можеле да проговорат, а избрале да ја свртат главата. Во нашиот културен контекст, тие немаат наметки и сандали. Тие имаат функции, позиции, членства во управни одбори, претседателства на установи, местенца во програмски совети. Тие се оние чинители или во случајов културни “не чинители” кои себедоволно и свесно вградени во самиот систем чиј распад го набљудуваат, сега остануваат показно тивки и неми свидетели,
но несомнено неправдата ќе ја почувствуваат откако ќе заврши Распнувањето.
Би било навредувачко да се каже дека е поради незнаење или страв, едноставно и најверојатно, тоа е поради лична сметка. Тажно ги чекаат личните облаги, следниот проект финансиран од буџет, следната номинација, следниот меѓународен престој, следниот мандат, следната награда, следната “тезга”, следното… Облаги кои пристигнуваат само ако тишината се одржи, ако крикот остане нивна “имат снемано” грижа, ако сеʼ пропадне тивко без “нивен потпис”, а тие сепак утре ќе добијат покана за следниот државен проект.
Жан-Пол Сартр беше беспоштеден кон овој тип на постоење односно лошата верба, “Mauvaise foi”, имајќи предвид дека тоа не е никаква лага кон другите, тоа е лага кон себеси, изведена толку вешто и толку долго додека субјектот сосем искрено веќе не ја ни препознава…
Опортунизмот вграден во самата текстура на културата не е наметнат однадвор, тој се храни и се одгледува одвнатре, систематски хранет со ситни привилегии, со исклучувања и вклучувања, со суптилна порака дека лојалноста кон системот се исплаќа повеќе од лојалноста кон каузата. Стојат каде Лука ги лоцираше безимените гледачи на Голгота, присутни, свесни, морално соучесни преку…. пасивноста.
Разликата, претпоставувам, е само во тоа дека најверојатно библиските гледачи немале избор во системот, додека опортунистот тука изборот го има, и истиот го прави свесно и несовесно. Заинтересираната публика со години чита и гледа за културни екосистеми кои се создаваат и колабираат, не затоа што немаат талент, туку затоа што систематски ги демотивираат своите создавачи.
Правната рамка станува непредвидлива, институционалната поддршка станува селективна, а тишината станува исплатлива, е тогаш… екосистемот почнува да се празни, прво од сигурност, потоа од луѓе, а на крај и од смисла.
Ова е вистинската Голгота на еден културен систем, не станува само збор за моментот кога се укинуваат правата, туку моментот кога од утробата внатре не се счита дека кракот е вреден.
Велики четврток секогаш носи суштинска дилема: Дали предавството е чин на поединец или е производ на систем?
Одговорот е непријатно комплексен…. и двете.
Системот всушност го создаде механизмот. Поединците и оние со институционална моќ, и оние со морална одговорност “невидливо” го бираат молкот.
Дали и со “Јудиниот бакнеж” културата полека станува системски “тивок вишок”?
За крај уште едно прашање, она кое Велики петок секогаш го оставал без удобен одговор: Кога сите ги измиваат рацете, чии раце остануваат крвави?
Post scriptum
Во Македонија, за разлика од Ерусалим, нема дури ни Марија Магдалена која би го оплакала ова распнување и смрт…само систем што функционира, во кој ни тагата не е предвидена со процедура.

