Политичката партија Левица, остро реагираше на однесувањето на заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, обвинувајќи го дека преку социјалните мрежи поттикнал и валидирал говор на омраза и закани за сексуално насилство кон советничката во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска. Од партијата бараат негова итна оставка или разрешување, оценувајќи дека станува збор за злоупотреба на јавна функција и сериозен напад врз демократскиот процес и безбедноста на жените во политиката.
Со сериозност реагираме за алармантното однесување на активистот на ДПМНЕ, Кире МИХАИЛОВ, којшто е заменик директор на ЈП Национални шуми, а кој свесно објави манипулативно скратен материјал од настапот на нашата советничка во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска, и потоа активно се вклучи во валидирање на содржини што содржат експлицитни повици на насилство, силување и други грозни сексистички напади. Ова е директна злоупотреба на јавна функција и јавен канал за поттикнување на омраза и закани кон избран претставник. Од функционер со јавни овластувања се очекува воздржаност, одговорност и почитување на правниот поредок, но наместо тоа, сведочиме на активно охрабрување и надоврзување на оваа дигитална толпа со елементи на кривично однесување.
Објавата е лишена од контекстот во кој советничката група на Левица во Советот на Град Скопје примени филибастер како легитимна алатка, поради систематско ограничување на деловничките права од страна на претседателот на Советот – Даме Димитровски. Повеќе седници наназад беа оневозможувани процедурални обраќања, реплики и контрареплики, со произволно толкување на релевантност, а на последната седница без воопшто да извести за тоа, откако советник од Левица побара збор – истакна дека воспоставил нова неделовничка пракса на одбивање да се даде збор доколку не се пријавиш во истата секунда на почеток на точката.
Во такви услови, и после неколкукратните процедурални обраќања и укажувања дека вавиот негов изум е неделовнички и неприменлив – десетминутното молчење беше неизбежен дел од координиран институционален притисок за враќање на правата на советниците. Советниците успеаја во својата цел по десетминутното молчење, односно т.н. “практика“ беше повлечена и правата беа вратени. Намерното отстранување на овој контекст и претставувањето на молчењето целсоно изолирано, претставува свесна манипулација со цел дискредитација и поттикнување на јавна омраза.
Дополнително, интеракцијата на Михаилов со коментарите, нивно лајкување и надградување, е квалификувачки елемент кој ја засилува неговата одговорност. Станува збор за коментари што содржат закани за физичко насилство, повици за силување и понижување, што по својата природа можат да влезат во домен на кривични дела. Функционер кој ги валидира овие содржини испраќа сигнал дека таквото однесување е прифатливо. Тоа создава клима на заплашување кон жени, млади девојки во политика и ги одвраќа граѓаните од учество во јавниот живот, што е директен удар врз демократскиот процес.
Левица бара итна и неотповиклива оставка од Кире Михаилов. Доколку оставката не биде поднесена, апелираме Управниот одбор на ЈП Национални шуми да постапи и да донесе одлука за негово разрешување, водејќи се од стандардите на јавна одговорност и заштита на угледот на институцијата.
Понатаму, бараме од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да поведат постапки за идентификација и санкционирање на лицата што упатиле закани и повици за насилство, како и да ја оценат улогата на функционерот во нивното поттикнување.
Однесувањето на ДПМНЕ е оголено до степен што веќе не бара анализа, туку јасна квалификација – тоа е култура на насилство, понижување и одвратна нормализација на најниските нагони во јавниот простор. Кога јавниот простор се полни со повици на силување, фрлање и газење насочени кон девојка активна во политика, а тоа поминува со одобрување и надградување, тогаш станува јасно дека се гради амбиент на заплашување и дехуманизација во кој насилството се третира како прифатливо средство за пресметка. Тоа е примитивизам кој свесно се пушта во оптек за да се заплашат, замолчат и оттурнат сите што не се покоруваат.
Но, членовите на Левица, жените, девојките и младите не се повлекуваат пред вакви грозни обиди за заплашување. Напротив, тие стануваат уште погласни и уште поприсутни, како директен одговор на оваа токсична пракса. Додека ДПМНЕ се обидува со вакви насилнички и деградирачки методи да создаде страв и да ги оттурне слободоумните од политичкиот живот, ние ќе продолжиме да бидеме двигател на сè поголемо вклучување, отпор и непокор.

