Ацески: Рудното богатство се експлоатира, а профитот не останува во Македонија

Советникот во Советот на Општина Кривогаштани, Андреј Ацески, преку социјалните мрежи, упати остри критики кон досегашните политики за управување со природните ресурси во Македонија, наведувајќи низа примери на приватизации и доделени концесии во рударството и индустријата. Тој оценува дека наместо државата да гради долгорочна економска вредност, природните богатства се претвораат во „евтина суровина за извоз“, додека профитот, според него, најчесто завршува кај приватни компании, а локалните заедници и граѓаните остануваат со штетите и последиците.

Во 1997 година државната фабрика за гипс во Дебар беше продадена на Knauf, заедно со концесија за експлоатација. Наместо државата да создава вредност од сопствените ресурси, тие денес се сведени на евтина суровина. А она што е најапсурдно – во тие наоѓалишта постојат и исклучително чисти, провидни кристали на гипс, кои во светот се ценети како колекционерски примероци, додека кај нас завршуваат сомелени во индустриско производство.

Концесијата за Иловица (2004) стана симбол за лошо планирање – отпор од народот, ризик по животната средина и години неизвесност. Наместо развој, поделби кај народот

Во 2005 година беше приватизиран Рудник Бучим. Рудникот работи и носи профит – но колку од тој профит останува во Македонија? Или повторно природното богатство се претвора во туѓа добивка?

Во 2006 година поради нестабилна работа беше продаден рудникот Саса, а после тоа и до денес е успешен и профитабилен. Повторно доказ дека ресурсите вредат – но не и дека државата знае да ги заштити своите интереси.

Во 2009 година беше продаден Мермерен Комбинат Прилеп за 19 милиони евра (само за пример во 2024 компанијата има остварено 14,8 милиони евра) . Комбинатот работи со концесија на рудникот Сивец каде што се наоѓа еден од најквалитетните мермери во светот – карактеристичен по неговата чисто бела боја, што ја нема ни еден друг мермер во светот. Во рудникот Сивец исто така се наоѓа и македонскиот рубин, карактеристичен по неговата розева боја.

Во 2023 година, на Bechtel & Enka им беше дадена концесија за Каракамен – Прилепско. Локалитет богат со археолошки наоди, но и ретки минерали меѓу кои и МАКЕДОНИТ – минерал кој го имаше само таму, па за тоа и е наречен Македонит. Денес локалитетот е само раскопан терен без вегетација и осиромашен од вредни минерали, а од македонитот нема ни траг. Многумина од нас лично имаат зачувано примероци од таму како доказ што постоело. Изговор за ископот беше „тампон за патишта“ .

Покрај овие и низа други примери некој продолжува да прави профит, а граѓаните плаќаат. Патиштата низ Македонија се распаднати од тешки камиони што носат руда, затоа што рударските компании не си обезбедуваат сопствени патишта.

Влада на Република Македонија, Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, ова не е стратегија, ова е распродажба. Ако не сте способни да раководите со природните богатства на Македонија, барем немојте да ги продавате и да ги давате под концесија. Оставете ги за државата, за народот и за идните генерации.