(Видео+Фото) Советничка во Град Скопје, Евгенија Станкоска мета на мизогини напади во коментари на објава на директорот на „Македонски шуми“ – Кире Михаилов од ДПМНЕ

Советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска, се најде во центарот на јавноста откако стана цел на бројни навреди, мизогини коментари и повици за насилство на социјалните мрежи, по објава на видео од страна на функционер од влдејачката ДПМНЕ.

Повод за сексистичките напади кон советничката беше видео објавено на Фејсбук од директорот во јавното претпријатие „Македонски шуми“, Кире Михаилов, во кое тој ја критикува Станкоска за нејзиниот настап на седница на Советот. Во описот на објавата, Михаилов наведува дека советничката „ја узурпирала говорницата“ и дека „10 минути не изустила збор“, оценувајќи го нејзиното однесување како несоодветно за функцијата.

Во видеото, пак, се гледа како Станкоска стои на говорницата без да говори или таканаречен филибастер, како протест преку молчење. Таа тврди дека на овој начин реагирала поради, недозволување да добие збор и кршење на деловникот од страна на претседателот на Советот на Град Скопје.

По објавата, во делот за коментари следеше лавина недолични мизогини коментари, при што значителен дел од нив содржеа навреди на сексуална основа, деградирачки квалификации и говор на омраза насочен кон советничката. Дел од коментарите, според Станкоска, дури вклучувале и експлицитни повици за насилство, што дополнително ја ескалирало ситуацијата.

Станковска во свое видео обраќање на Фејсбук изјави дека станува збор за „организирана дигитална хајка“, поттикната од дирекоторот од ДПМНЕ, Кире Михаилов. Таа посочи дека објавувањето на видеото без контекст од страна на јавни функционери придонело за создавање негативна перцепција и поттикнување координирани напади.

Таа директно ги посочи Кире Михаилов и координаторката на советничката група на ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Анета Марковска, како лица кои, според неа, придонеле за ширење на видеото без соодветен контекст.

Станкоска во обраќањето нагласи дека ваквиот говор е особено загрижувачки во време кога, како што рече, се бележи пораст на насилство врз жени во општеството. Таа оцени дека толерирањето или охрабрувањето на ваквите појави од страна на јавни личности создава опасен преседан и дополнително ја нормализира агресијата во јавниот дискурс.

Воедно, советничката потсети дека на последните локални избори нејзината партија добила поддршка од околу 30.000 гласачи во Скопје, нагласувајќи дека ќе продолжи со, како што рече, борбата против „опресијата и агресијата“ во институциите.

Од друга страна, засега нема официјална реакција од страна на посочените функционери во однос на обвинувањата за поттикнување или толерирање на ваквите содржини на социјалните мрежи.

Ваквите случаи ја отсликуваат состојбата со онлајн говорот во земјата, каде што социјалните мрежи често се користат како платформа за ширење говор на омраза, особено кон жени во јавниот живот. Одговорност кај носителите на јавни функции нема, а нема ни спроведување на законските механизми за санкционирање на ваквите појави.

Јавноста останува да види дали надлежните институции ќе преземат конкретни чекори во однос на овој организиран напад.

Може да ве интересира