Цената на нафтата од Северното Море бележи драматичен скок на глобалните пазари, во услови на продолжени нарушувања во снабдувањето и засилен страв од недостиг. Трката меѓу европските и азиските рафинерии за ограничените испораки достигна историски нивоа, додека пазарот реагира на затегнатата геополитичка ситуација и затворениот Ормуски теснец.
Според пишувањето на „Фајненшл Тајмс“, референтната нафта „Фортис бленд“, која е веднаш достапна за испорака, во четврток достигнала цена од речиси 147 долари за барел. Ова претставува ниво повисоко и од периодот пред финансиската криза во 2008 година, според податоците на ЛСЕГ (Лондонска берзанска група).
Дополнителен сигнал за сериозноста на пазарната состојба е фактот дека испораките од Северното Море се тргувале значително над 97 долари за барел, што е над цената на референтната нафта „Brent“ за јуни.
Побарувачката е толку силна што доведе до нарушување на клучни трговски механизми. Трговците наведуваат дека ЦФД-инструментите поврзани со Брент, кои обично служат за заштита од ценовни осцилации, нагло скокнале над 30 долари за барел, при што бил пробиен и системот на ИЦЕ – главниот европски пазар за тргување со нафта.
Според пазарните учесници, ваква состојба е речиси без преседан, бидејќи ликвидноста е намалена, а дел од трансакциите се префрлаат надвор од официјалните берзи.
Аналитичарите предупредуваат дека растечкиот притисок е директен показател за продлабочување на глобалната енергетска криза, која дополнително е засилена од геополитичките тензии околу Ормускиот теснец, низ кој минува околу 20% од светската нафта.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „нафтата повторно ќе тече многу наскоро“, и посочи дека Иран треба да овозможи непречен проток на танкерите, пазарите остануваат под силен притисок и неизвесност.

