Советникот од Левица во Советот на Општина Битола, Гаврил Трајковски, обвини дека мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ избегнува одговори за вработувањето на психолог кој е осомничен за дистрибуирање детска порнографија.
Според Трајковски, на денешната седница на Совет на Општина Битола било оневозможено разгледување на барањето за официјален извештај кој требало да го расветли процесот на вработување на лицето. Тој тврди дека наместо отворање на случајот, советничкото мнозинство го блокирало, со што, како што вели, се попречува утврдувањето на одговорност.
„Бевме сведоци на грубо кршење на процедурите и бегање од вистината за случај кој ја згрози јавноста“, изјави Трајковски, додавајќи дека не било спроведено гласање по предложениот дневен ред, што според него претставува прекршување на Деловникот за работа.
Тој посочи дека, согласно член 54 став 6 од Деловникот, советниците се должни да се изјаснат „за“, „против“ или „воздржано“, но дека во овој случај гласањето било игнорирано. „Ова не е само процедурален пропуст, туку обид да се сокријат информации за тоа како вакви профили добиваат пристап до институциите“, нагласи Трајковски.
Од Левица бараат поголема транспарентност и целосно расветлување на случајот, истакнувајќи дека безбедноста на граѓаните, особено на децата, мора да биде приоритет.
„Битола заслужува отчетност, а не заштита на неодговорноста. Нема да дозволиме молкот да го прекрие овој скандал“, порача Трајковски.

