Собранието не го усвои предлогот на Левица за измени и дополнувања на Законот за одбрана, со кои се бараше ограничување на учеството на државата во воени операции без меѓународен легитимитет.
Предлогот, образложен од пратеникот и потпретседател на партијата Реџеп Исмаил, предвидуваше Армијата да учествува исклучиво во мисии одобрени од Совет за безбедност на Обединетите нации, со цел, како што беше наведено, да се спречи вклучување на државата во конфликти што не се директно поврзани со заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет.
Според Исмаил, постојното законско решение остава простор Владата самостојно да носи одлуки за учество во воени операции. Тој посочи дека членството во НАТО подразбира одредени отстапки од суверенитетот во областа на одбраната и овозможува индиректно или директно вклучување во меѓународни конфликти.
Во своето излагање, Исмаил се осврна и на претходни интервенции на Алијансата, како Бомбардирањето на Југославија, како и војните во Ирак и Либија, оценувајќи дека тие довеле до долгорочна нестабилност. Тој предупреди и на ризикот од индиректно вклучување во актуелни конфликти, посочувајќи ја поддршката за Украина како пример со потенцијални економски и безбедносни последици.
Предлогот не доби поддршка во Собранието – пратениците од СДСМ гласаа против, додека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа.
Од Левица оценија дека со ваквата одлука, парламентарното мнозинство не ја искористило можноста да воспостави поголема контрола врз одлуките за учество во воени мисии и да го заштити, како што велат, националниот интерес.

