(Видео) Бошев: Трипуновски неспособен да ги заштити лозарите – се бара изградба на дестилерија во Кавадарци

Лозарите од Тиквешкиот регион се соочуваат со сериозна неизвесност во пресрет на новата сезона, откако дел од винарските визби најавиле дека располагаат со доволни количини на вранец и нема да вршат откуп, соопштија од Левица.

Според Левица, оваа состојба дополнително ја продлабочува загриженоста кај производителите, кои, како што велат, се оставени без сигурен пласман за својата продукција.

Членот на Советот од редовите на Левица во Општина Кавадарци, Бошко Бошев, посочува дека ова прашање континуирано се отвора на седниците, но досега нема конкретен одговор од надлежните институции. Тој ја нагласи потребата од изградба на дестилерија како долгорочно решение за ваквите кризни ситуации.

Од Левица оценуваат дека реализацијата на ваква инвестиција би имала релативно мал финансиски импакт врз буџетот, а би донела брз поврат и стабилизација на пазарот.

Воедно, тие упатија критики до министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски, обвинувајќи го за неажурност во решавањето на проблемите на лозарите.

Партијата бара итни антикризни мерки за ублажување на штетите и обезбедување сигурен пласман на грозјето, истакнувајќи дека лозарите не треба да трпат последици поради, како што наведуваат, институционална неефикасност.