- Автор – Тодоровски Дарко
„Ќе користиме само мирни средства и нема да дозволиме никаков друг метод.“- Џоу Енлај. Енлај бил дипломат виртуоз познат по својот прагматичен и помирувачки пристап, познат по тоа што се залагаше за „барање заедничка основа, а истовремено оставање на разликите настрана“.
Хуајан со 2 200 години историја е живописен и динамичен град сместен во источна Кина, во покраината Џангсу. Градот е дом на 4,5 милиони луѓе, и истиот е голем град на ниво на префектура во централната покраина Џангсу. Хуајан е познат како „Креативен град на гастрономијата“ на УНЕСКО и родно место на кујната Хуајанг. Но градот е најпознат како роден град на големиот кинески државник Џоу Енлај, кој е симбол на градот, но и на големиот кинески писател Ву Ченген, автор на книгата „Патување на запад“. Во Хуајан се наоѓа родниот дом на Џоу Енлај, како и огромниот музеј во негова чест. Секој ден, река народ ги посетува неговиот дом и музеј, на тој начин оддавајќи му почит на својот сакан и почитуван премиер и дипломат. Имав чест да ги посетам и двата, и да се запознаам со ликот и делото на големиот Џоу Енлај.

Но кој бил Џоу Енлај?
Џоу Енлај (роден во Хуајан, покраина Џангсу, 5 март 1898 – 8 јануари 1976) бил еден од најголемите кинески државници во 20 век, кој остави комплексно наследство како голем револуционер, брилијантен дипломат, прагматичен администратор и визионер. Тој бил клучната алка во градењето на модерна Народна Република Кина. Служел како прв премиер на Народна Република Кина од октомври 1949 година до неговата смрт во јануари 1976 година, и министер за надворешни работи од 1949 до 1958 година. Служел под претседателот Мао Це Тунг и ѝ помогнал на Комунистичката партија да дојде на власт, подоцна помагајќи во консолидирањето на нејзината контрола, формирањето на нејзината надворешна политика и развојот на кинеската економија.
ЏоуЕнлај се докажал не само како практичар и рационалист, туку и како теоретичар на новата државност што се појавуваше во Кина. Потекнувал од образованата и богата „елита“ на Кина – тој бил потомок од 33-та генерација на основачот на неоконфучијанството, кој го носел истото презиме, Џоу Дуњи (1017–1073). Добил брилијантно, сеопфатно кинеско, европско и јапонско образование, кое значително ги зајакнало неговите способности и му овозможило да решава многу од најтешките државни проблеми, кои барале највисока ерудиција и способност да го примени стекнатото знаење во пракса.
Меѓу политичката елита на Народна Република Кина, Џоу Енлај се издвојувал по своето високо интелектуално ниво, и важел за рационален и прагматичен државник. Џоу Енлај уште во раната младост, ја предал својата привелигирана класа и стапил во Комунистичката партија на Кина во 1922 година, кога се наоѓал во Германија. Во 1924 година се вратил во Кина и целиот свој живот го посветил на својата татковина и на Комунистичката партија на Кина. По враќањето во Кина во 1924 година, станал страствен поддржувач на Сун Јат-сен, началник на Куоминтан кој се здружил со комунистите и СССР.

Во 1925 година, Џоу Енлај се оженил со Денг Јингчао, која ја запознал шест години претходно додека отслужувал затворска казна. Џоу Енлај ја држел клучната позиција началник на политичкиот оддел (политички инструктор) во Воената академија Вампоа во Кина, основана од СССР за обука на кадри на Куоминтанг. Оваа позиција станала клучна фаза во неговата кариера, каде што соработувал со Чанг Кај-шек и ги поставил темелите за политичка работа во армијата.
Во март 1927 година, Шангај станал сцена на крвава пресвртница во Кинеската историја. На 12 април се случил Шангајскиот масакр, кога Куоминтанг, предводен од Чанг Кај-шек, со поддршка на Зелената банда, уби илјадници комунисти и работници, раскинувајќи го својот сојуз со комунистичката партија на Кина. Чанг Кај-шек стана диктатор, и тоа довело до избувнување на граѓанска војна и премин на револуцијата во подземна борба.
Иако бил заробен во Шангај и осуден на смрт, заедно со неколку други комунистички водачи, Џоу Енлај по некое чудо успеал да избега, прво одејќи во Вухан, а потоа во Нанчанг, каде што дал значаен придонес во организирањето на востанието од 1 август 1927 година. Заедно со Мао иако и двајцата биле интелектуалци, зеле оружје во рацете и го посветиле целото свое време и енергија во борбата против диктаторот Чанг Кај-шек, а после 1933 година и на борбата против јапонската окупација на Кина.
После победата на Комунистичката партија над јапонската окупација во 1945 година, и во граѓанската војна во 1949 година и создавањето на Народна Република Кина на 1-ви октомври 1949 година, Џоу Енлај пристапил кон создавање на новата современа кинеска дипломатија. Џоу Енлај важел за дипломатски виртуоз, и е познат по пробивањето на дипломатската блокада и поврзувањето на НР Кина со светот. Под неговата диригентска палка, само еден ден после создавањето на Народна Република Кина на 1-ви октомври, односно 2-ри октомври, беа воспоставени дипломатски односи помеѓу НР Кина и СССР.
Во 1954 година, за време на дипломатские преговори со Индија и Мјанмар, Џоу Енлај ги промовирал Петте принципи на мирен соживот (Панка Шила), кои што до ден денес се основата на надворешната политика на НР Кина. Принципите вклучуваат меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, неагресија, немешање во внатрешните работи, еднаквост и меѓусебна корист и мирен соживот. Во 1955 година тој ја предводеше Конференцијата во Бандунг, промовирајќи ги „Петте принципи на мирен соживот“ и ја оркестрираше посетата на Ричард Никсон на Кина во 1972 година, која фундаментално ја промени динамиката на Студената војна.
Џоу Енлај ги поддржувал прагматичните економски политики и се залагал за „Четирите модернизации“ (земјоделство, индустрија, одбрана и наука/технологија), кои ги поставија темелите за подоцнежните реформи на НР Кина. Џоу Енлај го инспирирал Денг Сјаопинг да ја спроведе политиката „Четири модернизации“.
Џоу Енлај се одликувал со својата принципиелна работна етика, дипломатија и високи стандарди на самодисциплина, што му ја донело почитта и љубовта на кинескиот народ. Џоу Енлај и неговата сопруга немале свои деца, но ги посвоиле и одгледале децата на паднатите другари, од кои еден бил Ли Пенг, чиј татко, комунистички писател, бил погубен од Куоминтан на Ченг Кај-шек во 1931 година. Џоу Енлај бил широко перцепиран од јавноста како неуморен, несебичен државен службеник.
Неговата смрт во 1976 година предизвикала масовно, емотивно јавно излевање на тага кај кинескиот народ. Умирајќи, тој побарал неговата погребна церемонија да се одржи во Тајванската сала на Националниот народен конгрес, а неговата пепел, по кремацијата, да се расфрла по полињата, планините и реките на неговата сакана Кина и водите на Тајванскиот теснец. Џоу Енлај починал на 8 јануари 1976 година. Неговата дипломатска филозофија го нагласуваше мирот, меѓусебното почитување на суверенитетот и наоѓањето заедничка основа за долгорочните интереси на НР Кина.

