Ѓуровски: За Америка – развој, а за Македонија – канцерогена иднина

  • Пишува Игор Ѓуровски, Заменик координатор на секторот Политичка Економија при Левица

Веста која премиерот Христијан Мицкоски лично ја соопшти дека во Македонија, попрецизно во близината на Крива Паланка, американска компанија ќе отвара рудник за ископ на руда која го содржи металоидот антимон, не може да се прими поинаку, освен со вџашеност, неверување, недоверба и гнев.

Зошто компании од САД, но и од цел свет се заинтересирани за ископ, преработка и производство на овој редок елемент? 

Побарувачката, но и цената, во светот расте од година во година. Во 2022 година цената на антимон триоксидот била околу 10 илјади долари за тон, а денес е околу 50 илјади долари, што е раст од околу 500 проценти. Порастот се должи на фактот што антимонот е стратегиски редок металоид кој се користи за производство на огноотпорни материјали, напредни пластични матерјали, автомобилска индустрија, електроника и вооружување. 

Зошто Македонија треба да одбие или многу внимателно да разгледува еден ваков предлог или проект?

Експлоатацијата на руди кои содржат антимон е крајно небезбедна и високо загадувачка операција и за почвата и за водите, а најмногу за здравјето, како на рударите, така и на населението во пошироката околина на потенцијалниот рудник. 

Антимонот како токсичен металоид, во допир со природата, живиот свет и луѓето се однесува многу слично како арсенот и предизвикува акутно и хронично труење. Подолготрајното присуство на истиот предизвикува хронична иритација на кожа, оштетување на белите дробови, бубрезите и црниот дроб, а Интернационалната агенција за проучување на канцер – IARC, како и американската Програма за проучување на токсичноста, антимонот, а најмногу антимон триоксидот го вбројуваат во канцерогени супстанции. 

Секаде во светот каде што се врши ваква рударска операција, подготовките траеле повеќе години, а се применуваат остри и ригорозни правила, регулации и контроли, за што Македонија нема ниту време, ниту знаење, ниту спремност, а соочени со желбата за брз профит ниту волја истите да ги примени. При вакви услови, краткорочна потреба да се покаже било каква развојна активност или економски напредок од страна на избраните функционери од оваа влада може да заврши како уште едно штетно колонијално вазалство за Македонија.

Доколку во Македонија се воспостави позитивен консензус за екплоатација на антимоновата руда, државата односно повиканите државни органи, заедно со научната фела и во соработка со високообразовните институции, универзитети, институти итн, да настапат како сериозен државен, научен и економски субјект кој ќе направи сериозна физибилити студија, која ќе ги покаже сите фактори како количина на депозити, исплатливост на експлоатација, дали постои и колкава позитивна финансиска (приходи), економска, научна (трансфер на технологии) и социјална (број на вработувања) компонента, влијание врз околината, почвата, воздухот, водата, луѓето, работниците и биодиверзитетот и дали со еден таков проект има можност за градење индустрија и долгорочен раст, наместо да се поставуваме во подредена позиција, како извор на евтини суровини за развој на туѓи економии и геополитички интереси.

Доколку се покаже дека депозитите на антимонот се доволно големи, тој како стратешки ресурс со огромна вредност во модерната индустрија, особено во енергетиката, воената индустрија и високата технологија, не можеме и не смееме да го третираме како класичен ресурс, ниту пак неговата експлоатација како обично рударство. Истиот треба да се третира како прашање на национална економска и стратешка политика. Македонија мора да ја искористи оваа предност за да развие сопствени капацитети од ископ, преку преработка, до финално производство и извоз, наместо да го отстапува најпрофитабилниот дел од синџирот на вредност на странски компании. На тој начин Македонија би добила минимални (речиси непостоечки) приходи, додека вистинскиот профит, технологијата и контролата остануваат надвор.

Со вакви договори какви што во нивната наивност, но и опасно незнаење, најави премиерот Христијан Мицкоски, но и оној негов испран министер за надворешни работи, Македонија не само што нема да заработува доволно, туку активно ќе си ја поткопа економската иднина. Кога суровината се извезува без домашна преработка се губи можноста за развој на индустрија, за отворање квалитетни работни места и за создавање технолошко знаење. Наместо да градиме економија базирана на додадена вредност, остануваме заглавени во примитивен модел на екстрактивна економија што зависи од ископ и извоз на суровини. Ова директно води до зависност од странски компании, одлив на капитал надвор од државата и долгорочна економска слабост.

Дополнително, со давање на вакви ресурси на странски субјекти ние ја губиме контролата врз сопствените стратешки капацитети. Наместо да бидеме активен играч на пазарот, Македонија станува пасивен извршител на туѓи интереси. Тоа е суштината на колонијалното вазалство, формално независна, но во суштина економски зависна и подредена држава.

Решението е јасно и спротивно на оваа досегашна долгогодишна пракса: Македонија треба самата или како мнозински сопственик заедно со стратегиски технолошки партнер (малцински партнер), да инвестира во ископ и преработка на ресурсите, да создава сопствени индустриски капацитети за преработка и да извезува финални производи, а не суровини. Само така може да се задржи профитот во државата, да се поттикне економски раст и да се изгради вистинска економска независност. Сè друго е краткорочна добивка за мал број актери, но долгорочна штета за целата економија.

Како последен, но не и најмалку вреден аспект на еден ваков проект, би ја нагласил економски политичката, односно надворешно политичката компонента. Ние во никој случај не смееме да ја повториме грешката што ја направивме со конзорциумот Бехтел и Енка. Секој домашен и странски субјект, без разлика дали е од Македонија, Европската Унија, САД, Канада или од некое петто или шесто место мора да има еднаков демократски третман при преговарање, проценка, тендерирање и одлука за добивање на статусот соработници или кооперанти во овој наш проект.