Советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Милица Давчева, упати критики за начинот на кој се вршат именувањата во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, обвинувајќи за партизација и клиентелизам.
На седницата за советнички прашања во Совет на Град Скопје, Давчева отвори прашање за изборот на 117 лица во управни и надзорни тела, посочувајќи дека дел од именуваните се директно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Како пример го наведе составот на Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило, каде, според неа, е именувана Цветанка Игнева-Миќев, за која во јавноста се посочува дека е блиска до премиерот Христијан Мицкоски, како и донатор на партијата.
Давчева постави прашање дали ваквите именувања се во согласност со принципите на транспарентност, непристрасност и добро управување. „Дали ова е квалитетот и ‘додадената вредност’ за која зборувате, кога се поставуваат лица со вакви политички и семејни врски?“, праша таа.
Од Левица оценуваат дека ваквата пракса ја поткопува довербата на граѓаните во институциите и бараат поголема отчетност и професионалност при изборот на кадри во јавните претпријатија.

