„Законите се тоалет хартија во Македонија“, рекол ректорот на Универзитет од Скопје што повторено ги дискриминира жените – бремена асистентка по право останала без работа

Универзитет од Скопје повторено ги дискриминира жените што работат таму, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација откако асистентка по право поднела претставка. Таа тврдела дека затоа што останала бремена, Универзитетот не ѝ го продолжил договорот. Кога бремена аплицирала да биде унапредена во звање доцент, ректорот на Универзитетот ѝ соопштил дека донел „субјективна одлука да го одложи конкурсот“ и ѝ ја покачил платата за 100 евра.

Во исто време кога овој конкурс се затворил, унапреден бил колега маж на одделот политички студии каде што имало несразмерност меѓу бројот на студенти и ангажираниот кадар. Подносителката во претставката до Комисијата за спречување дискриминација навела дека „ректорот создал небезбедна, нестабилна и нездрава работна средина особено таргетирајќи ги жените“, за што и порано Комисијата за спречување дискриминација утврдила дискриминација.

Откако во април 2025 година таа дознала дека е бремена, кај неа се јавил страв што ќе се случи на работното место во сите тие околности. Почнала да работи уште понапорно, па покрај часовите што ги држела, спровела и постапка за потпишување меморандум меѓу Универзитетот и Министерството за европски прашања.

На крајот на првиот триместар од бременоста, го известила деканот на Правниот факултет дека е бремена, па побарала состанок со ректорот.

Таа укажала дека по завршувањето на породилното боледување од 9 месеци, планира да се врати на работа. Ректорот ѝ ветил дека ќе продолжи да работи до породилно со анекс на договорот, а кога ќе се врати од породилно ќе се види дали ќе продолжи да предава или ќе има друго работно место.

Асистентката во состојба на стрес и паника почнала да објаснува дека породилното го покрива Фондот за здравство а не Универзитетот но сепак била упатена од универзитетот да ги најде сите постапки и процедури за да се стекне со право на надомест за породилно отсуство.

Оттогаш била под голем стрес, имала болки во стомакот, мачнина, потење, треперење и тахикардија. Поради таквата состојба со стресовите на работа, гинекологот ѝ констатирал дијагноза „лажно раѓање“ и била упатена на боледување.

Од Универзитетот ѝ кажале дека ќе ѝ го прекинат работниот однос додека била на боледување, па таа морала да почне да бара нова работа што ја исцрпило и психички и физички а плодот имал намален развој баш во тој месец од бременоста.

Во меѓувреме на Универзитетот почнале да се отвораат нови работни места па дури и за нејзиното работно место „меѓународно јавно право“, а на персоналот почнале да му растат платите.

Од Универзитетот во одговор до Комисијата за спречување дискриминација ги отфрлиле наводите од претставката. Оттаму тврделе дека вработената одбила да потпише два анекси за друга работна позиција како предавач, но и дека таа рекла оти ќе се вработи во адвокатска канцеларија како правник. Оттаму истакнале дека конкурсот за звање доцент бил отворен, а кандидатката немала пречка да аплицира но тоа не го сторила. Тврделе дека ѝ биле пружени сите права кои треба да ги добие еден вработен особено во блажена состојба – во летниот период согласно препораките на Владата била упатена да не оди на работа, а платата ѝ останала иста.

Асистентката пак, тврдела дека не прифатила анекс да биде предавач зашто тоа е противзаконско, односно предавачи можело да бидат ангажирани само на високи стручни школи, а не на факултети каде звањата се доцент, вонреден и редовен професор.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека Универзитетот извршил директна дискриминација кон асистентката по основа на род, бременост и мајчинство, а ректорот ја вознемирувал врз основа на пол, род, бременост и мајчинство во работата и работните односи. Комисијата утврдила и повторена дискриминација кон жените вработени на овој Универзитет врз основа на пол и род.

Во него се додава дека особено значајно е што договорот за вработување бил повлечен без образложение токму во чувствителниот период непосредно пред започнувањето на породилното отсуство и дека – бременоста била реалната и одлучувачка причина дан е се продолжи договорот.

За изјавата на ректорот дека ќе ѝ биде направена „голема услуга“ на подносителката ако ѝ го продолжат договорот додека е на породилно, комисијата смета дека е предрасуда според која бремените жени се помалку посветени, помалку продуктивни или привремено неподобни за кариерен раст.

Препораката од Комисијата е Универзитетот да ѝ надомести на асистентката по право материјална и нематеријална штета за дискриминацијата, самата високообразовна установа да состави внатрешни акти  за еднаков третман и заштита од дискриминација на работничките што се бремени и да достави копии од истите до Комисијата. Исто така, се препорачува Универзитетот писмено да ѝ се извини на подносителката, а во спротивно ќе биде почната прекршочна постапка пред надлежниот суд.

Веста е превземена од Слободен Печат