Денеска Уставниот суд на Република Македонија одлучува за колективниот договор за култура, по иницијатива за оценување на неговата уставност поднесена од адвокатот Томислав Стефков, информира Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ).
„Ова е ден кога културните работници ќе добијат одговор – дали Колективниот договор, кој го чекаа 30 години и преговараа 15 години, ќе опстои како една од ретките светли точки во културата. Генерации уметници и културни работници го поминаа целиот свој работен век без основни работнички права. Денес, кога тие права конечно се стекнати, се прават обиди тие да бидат поништени“, соопшти СКРМ.
Синдикатот истакнува дека борбата за правата на културните работници продолжува и дека веќе поднел жалба до Меѓународната организација на трудот, барајќи мониторинг на сите судски постапки поврзани со Колективниот договор, вклучително и денешната одлука на Уставниот суд.
Актерката Сања Арсовска преку социјалните мрежи оцени дека ако договорот биде прогласен за неуставен, тоа би го ставило под знак прашалник и Законот за култура, Законот за административни службеници, Законот за јавен сектор и Законот за работни односи. „Колективниот е чист ко солза на новороденче, проблемот не е во уставот, туку во малициозни човечки особини“, порача таа.
СКРМ во последниот период води жестоки јавни реакции кон ресорниот министер Зоран Љутков, обвинувајќи го за притисок врз вработените, заплашувања и незаконско пресметување на плати во културниот сектор, како и за обиди да се девалвираат колективните договори. Министерот, пак, ги отфрли обвинувањата како неосновани и неточни, тврдејќи дека неговите постапки се во согласност со законот, а застојот го припишува на раководството на СКРМ кое, според него, избра конфронтација наместо дијалог.
Денешната одлука на Уставниот суд ќе означи важен пресврт за културниот сектор и иднината на правата на вработените во него.

