МЛАДИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА БЛЕСКААТ: Двоен медал на светска олимпијада по роботика во Грција

Млади таленти од Македонија остварија значаен меѓународен успех, освојувајќи златен и сребрен медал на престижната олимпијада по роботика Minoan Robotsports Competition Global Olympiad, која се одржа на Крит од 3 до 6 април.

Во конкуренција на околу 1.500 тимови од над 40 земји, македонските претставници се истакнаа во најпредизвикувачката дисциплина – автономни роботи, каде уредите самостојно решаваат сложени задачи врз основа на претходно програмирани алгоритми и сензорски податоци.

Првото место го освои тимот SPACE WALKERS, составен од Павел Попоски, Анастасија Дудеска и Јаков Петков, додека второто место им припадна на нивните помлади колеги од SPACE WALKERS ALFA – Матеа Андонова, Глигор Дединец и Петар Копачев. Тимот SPACE WALKERS JR, во состав Андреј Спасевски и Стефан Пешов, се пласираше на високото петто место.

Зад овој успех стои посветена работа и менторска поддршка од Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев од СТЕМ Академија, кои со години работат на развој на млади таленти во областа на технологијата.

Ова не е прв ваков успех за тимовите од Македонија. И во изминатите години тие се враќаа со врвни пласмани, што покажува континуитет и сериозен потенцијал за развој на домашната технолошка сцена.

Успехот на овие млади натпреварувачи уште еднаш потврдува дека Македонија има талент кој може да се натпреварува и победува на светско ниво.