Левица: Растот на интересот за брзите кредити е доказ дека во Македонија не може да се живее од плата

Растечкиот интерес за брзи кредити во Македонија не е показател за економски напредок, туку сигнал дека граѓаните сѐ потешко ги покриваат основните трошоци, соопшти партијата Левица.

Според нив, сè повеќе граѓани се задолжуваат не за инвестиции или подобрување на животниот стандард, туку за купување храна, плаќање сметки и покривање на месечните трошоци. „Тоа значи дека економскиот систем не функционира во корист на мнозинството, а граѓаните практично не преживуваат од плата, туку од задолжување и краткорочни финансиски решенија“, наведуваат од партијата.

Од Левица посочуваат дека состојбата дополнително се влошува во пресрет на празниците, кога цените на храната и основните производи значително растат. Наместо стабилизација, велат тие, зголемената побарувачка доведува до нов ценовен притисок, што директно го намалува животниот стандард. За многу семејства, додаваат, празничната трпеза станува финансиски товар наместо повод за радост.

Партијата укажува и на несразмерот меѓу растот на платите и трошоците за живот, особено во делот на храна, енергија и услуги. Овој јаз, според нив, ги принудува граѓаните да се задолжуваат, при што брзите кредити, поради високите камати и кратките рокови, претставуваат ризик од влегување во долгови.

Во соопштението се бара Владата да преземе конкретни мерки, меѓу кои контрола на цените на основните прехранбени производи во кризни периоди, зголемување на минималната плата во согласност со реалните трошоци за живот и построга регулација на брзите кредити. Дополнително, се предлагаат таргетирани субвенции или ваучери за храна и енергија, како и долгорочни инвестиции во домашното производство со цел намалување на зависноста од увоз.