Опозициската партија Левица обвини дека новиот Правилник за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, донесен од министерот Фатмир Лимани, наместо да ги олесни процедурите, дополнително ги комплицира и создава нови административни бариери за граѓаните.
Според партијата, иако формално измените се претставуваат како поедноставување на постапката, во пракса тие значат зголемено оптоварување за апликантите. Како клучен проблем се посочува воведувањето обврска уште при поднесување на барањето да се достави наод, оцена и мислење од стручна комисија.
Од Левица предупредуваат дека ова ќе доведе до подолги рокови за остварување на правото, дополнителни чекања и потенцијални застои во системот, што особено ќе ги погоди лицата на кои помошта им е најпотребна.
Партијата смета дека ваквите бирократски процедури може да доведат до тоа дел од граѓаните да се откажат од користење на ова право, со што, како што наведуваат, индиректно се намалуваат буџетските трошоци за најранливите категории.
Од Левица побараа министерот Лимани да предложи решенија кои навистина ќе ги поедностават процедурите и ќе овозможат полесен пристап до правото на туѓа нега, наместо да се создаваат нови административни пречки.

