Изложбата „Исцелување на животот“ на Томе Мишев ќе биде поставена во галеријата „Метаноја“

Во галеријата Метаноја во Скопје, на 8 април (среда) со почеток од 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Исцелување на животот“ на македонскиот уметник Томе Мишев.

Изложбата носи дела кои, според критичкиот осврт на Коста Милков, се движат „меѓу мачнината и убавината на постоењето, меѓу егоизмот и алтруизмот, меѓу ризикот и љубовта, меѓу стравот и надежта“. Во центарот на неговите композиции најчесто се човечки фигури, опкружени со динамични и драматични сцени што отвораат простор за различни интерпретации – од сакрални и сонишни до трагични и жизнерадосни.

„Сликите на Томе Мишев сведочат за копнежот на човештвото за исцелување на животот“, посочува Милков во својот осврт.

Томе Мишев е роден 1958 година во Струмица. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштво на ликовни уметници на Македонија. Неговото творештво е претставено на бројни самостојни и групни изложби, како и на ликовни колонии во земјата и во странство.

Во текот на својата кариера, Мишев е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградите „Димитар Пандилов“ и „Методија Ивановски – Менде“ во 2001 година, како и „Лазар Личеноски“ во 2006 година, сите доделени од ДЛУМ. Во 2010 година му е врачена и наградата „8 Ноември“ од Советот на Општина Неготино за придонес во културата.

Изложбата ќе биде поставена во галеријата „Метаноја“ на улица Максим Горки бр. 19 во Скопје.