Во услови на нагло заострување на конфликтот меѓу САД и Иран, светот повторно сведочи на тоа како геополитиката на големите сили директно се претвора во економска катастрофа за обичниот човек. Ултиматумите, воените закани и борбата за контрола врз енергетските ресурси го туркаат светот кон нова фаза на нестабилност.
Цената на нафтата повторно се искачи над 110 долари по барел, што не е само бројка на берза – тоа е директен удар врз работничката класа ширум светот: поскапа храна, транспорт, греење и живот.. Истовремено, големите нафтени корпорации бележат профити.
Ова е системска последица на капитализмот. Војните за ресурси и контрола врз стратешки точки како Ормутскиот теснец се водат во интерес на крупниот капитал, додека обичниот човек плаќа преку инфлација и економска несигурност.
Дополнително, финансиските пазари реагираат со нервоза, а институциите предупредуваат на стагнација и инфлација – комбинација која секогаш најсилно ги погодува најсиромашните слоеви.
Во меѓувреме, додека се заканува уништување и се зборува за „воени решенија“, експертите веќе предупредуваат дека ваквите интервенции можат да се квалификуваат како воени злосторства, што уште еднаш ја разоткрива двојната аршина на глобалниот поредок.

