Трамп кон Иран: „Отворете го проклетиот теснец, луди гадови, или ќе доживеете пекол!“ – Иран со одговор дека ги изгубиле клучевите

Тензиите меѓу САД и Иран дополнително се заоструваат по најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, кој упати навредувачки закани кон Техеран во врска со отворањето на Ормускиот Теснец, додека пак Иран му одговори иронично и со исмевање дека ги изгубиле клучевите од теснецот.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека доколку Иран не го отвори теснецот, САД ќе извршат напади врз клучна инфраструктура, вклучително и електрани и мостови. „Вторник ќе биде Ден на електраните и Ден на мостовите… Отворете ја проклетата теснина или ќе доживеете пекол“, напиша Трамп, повторувајќи ги претходните закани дека Иран има ограничен рок за постигнување договор.

Американскиот претседател претходно најави 48-часовен ултиматум, предупредувајќи дека во спротивно „целиот пекол ќе се урне“ врз Иран. Во исто време, тој информираше дека американската војска спасила член на екипаж на борбен авион Ф-15, кој бил соборен од иранската противвоздушна одбрана. Според Трамп, пилотот е сериозно повреден, а операцијата за спасување била високоризична.

На ваквата реторика, Иран возврати со ироничен тон преку своите дипломатски претставништва. Иранската амбасада во Зимбабве на социјалните мрежи објави дека „ги изгубиле клучевите“ од Ормускиот Теснец, алудирајќи на барањата на Вашингтон.

Во низа објави, иранските дипломати го критикуваа начинот на комуникација на Трамп, нагласувајќи дека од претседател се очекува достоинствен и одмерен јавен настап, особено во време на кризи. Дополнително, амбасадата на Иран во Бугарија сподели карикатура како реакција изјавите на американскиот претседател.