Администрацијата на Белата куќа извршила притисок врз компанијата Планет Лабс да престане со објавување фотографии од Блискиот Исток поврзани со тековниот конфликт меѓу САД, Израел и Иран.
Од компанијата соопштија дека ќе воведат „неограничено задржување на снимките“ за сите фотографии направени по 9 март, мерка што ќе трае најмалку до завршување на конфликтот, по барање на американската администрација. Клиентите на Планет Лабс биле информирани за промената преку електронска пошта минатата недела.
Сателитските снимки на компанијата досега беа широко користени од новинари и аналитичари за отворени извори (ОСИНТ) за независна проверка на штетите и нападите на двете страни. Меѓу локациите кои биле предмет на анализа се и Воздухопловна база Принц Султан, користена од американските сили, како и Меѓународен аеродром Мехрабад.
Компанијата со седиште во Сан Франциско управува со голема мрежа на микро-сателити и има договори со повеќе американски владини агенции. Претходно, Планет Лабс воведе доцнење од 96 часа за објавување снимки од регионот, кое подоцна беше продолжено на 14 дена, со образложение дека се ограничува потенцијалната воена злоупотреба.
Според новите правила, компанијата може селективно да објавува одредени фотографии доколку се процени дека тоа е во јавен интерес.
Засега останува нејасно дали и други комерцијални сателитски компании, како Вантор и БлекСкај Технолоџи, ќе воведат слични ограничувања.

