Техеран – Иран ги отфрли најновите предлози за привремен прекин на огнот, нагласувајќи дека прифаќа единствено трајно решение кое ќе гарантира крај на непријателствата и безбедност за земјата.
Како што соопшти иранската државна новинска агенција ИРНА, властите во Техеран во одговорот доставен преку Пакистан на американскиот предлог за примирје истакнале дека секое привремено решение би претставувало само пауза за повторно прегрупирање и продолжување на нападите.
„Прифаќаме крај на војната само со гаранции дека нема повторно да бидеме нападнати“, изјави Моџтаба Фердуши Пур, шеф на дипломатската мисија на Иран во Каиро.
Во документот, кој содржи 10 точки, Иран поставува низа услови за деескалација на ситуацијата. Меѓу нив се прекин на сите непријателства во регионот, воспоставување протокол за безбеден премин низ Ормускиот Теснец, како и укинување на санкциите.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, дополнително нагласи дека предложеното примирје не е прифатливо, оценувајќи дека тоа би овозможило „време за повторно извршување злосторства“.
Во меѓувреме, според Ројтерс, Соединетите Американски Држави и Иран добиле план за смирување на тензиите и итен прекин на огнот, но без конкретен напредок во преговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата испрати остра порака до Техеран, предупредувајќи дека доколку во рок од 48 часа не се постигне договор или не се отвори Ормускиот Теснец, Иран ќе се соочи со сериозни последици.

