Апасиев: Судот не смее да биде алатка на малограѓанштината и додаток во мезето на ниски страсти

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по вчерашното рочиште во врска со трагично загинатите Ивана и Катја и сведочењата кои предизвикаа бура на реакции и коментари во јавноста, преку објава на социјалните мрежи потсети за улогата на судот во кривичните постапки, потенцирајќи дека судството не смее да подлегне на ниски страсти и сензационализам.

Тој напиша:

„Како професор по Философија на правото, не можам а да не искоментирам дека Судот не е да додаток на малограѓанштината.

Судечкиот совет и те како има инструменти да ги заштити сите инволвирани учесници во кривичниот процес и да не дозволи да биде додаток на мезето од ниски страсти и ситнобуржујска делизерност (кој се дрогирал, кој со кого се швалерисувал, кој пиел, кој пушел и слични сочни детали од приватниот живот на странката или жртвата). Да ги потсетам колегите дека, токму за вакви сензитивни ситуации од изнесување лични, интимни и семејни [не]прилики е измислен и институтот ‘исклучување на јавниста од главната расправа’ – оти овие работи се ius privatum, а не ius publicum.

Професионално наравоучение: За жалење се судиите кои не можат да го истрпат јавниот притисок!

FiatIustitiaPereatMundus”