Она што империјалистите не можат да го простат – говор на Фидел Кастро во пресрет на американската инвазија во Заливот на свињите

По нападот врз кубанските аеродроми на 15 април 1961 година, со цел да се подготви теренот за инвазијата во Заливот на свињите два дена подоцна, Фидел Кастро на 16 април одржа говор во чест на седумтемина Кубанци убиени во тој напад. За време на говорот, за првпат јавно зборуваше за социјалистичкиот карактер на Кубанската револуција.

Она што империјалистите не можат да го простат е тоа што ние сме тука. Она што империјалистите не можат да го простат е достоинството, цврстината, храброста, идеолошкиот интегритет, духот на пожртвуваност и револуционерниот дух на кубанскиот народ.

А ние ја браниме нашата социјалистичка револуција со овие пушки! Оваа социјалистичка револуција ја браниме со истата храброст што вчера ја покажаа нашите противвоздушни артилерци, додека ги гаѓаа непријателските авиони!

Ние не ја браниме оваа револуција со платеници, ние ја браниме оваа револуција со мажи и жени од нашата нација.

Кој овде има оружје? Дали платениците имаат оружје? Дали милионерите имаат оружје? Можеби платениците и милионерите се едно исто. Можеби синовите на богатите имаат оружје? Дали надзорниците имаат оружје?

Другари работници и селани: ова е социјалистичка и демократска револуција на скромните, од скромните и за скромните. И за оваа револуција на скромните, од скромните и за скромните, подготвени сме да ги дадеме своите животи.

Работници и селани, скромни мажи и жени на нашата земја: се колнете ли дека оваа револуција на скромните, од скромните и за скромните, ќе ја браните до последната капка крв?

Другари работници и селани од нашата земја: вчерашниот напад беше вовед во платеничка агресија. Вчерашниот напад, кој одзеде седум херојски животи, имаше за цел да ги уништи нашите авиони на земја. Но не успеаја. Уништија само два авиона, додека повеќето непријателски авиони беа оштетени или соборени. Тука, пред гробот на нашите паднати другари; тука, покрај останките на херојските млади луѓе, деца на работници, деца на скромни семејства, ја потврдуваме нашата решеност – како што тие се изложија на куршумите, како што ги дадоа своите животи – така и ние, сите ние, горди на нашата револуција, горди што ја браниме оваа револуција на скромните, од скромните, за скромните, нема да се двоумиме, кога и да дојдат платениците, кој и да е против нас, да ја браниме до последната капка крв.

Да живее работничката класа! Да живеат селаните! Да живеат скромните! Да живеат мачениците на нашата земја! Вечно да живеат мачениците на нашата земја! Да живее социјалистичката револуција! Да живее слободна Куба!

Татковина или смрт!
Ќе победиме!