Третина од преживеаните и повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско растројство

Сериозни психолошки последици се регистрираат кај преживеаните и повредените од трагичниот пожар во Кочани, покажува најновото истражување спроведено од Универзитетската клиника за психијатрија. Податоците беа презентирани од директорката на установата, проф. д-р Славица Арсова, на научна конференција одржана викендов во Скопје.

Истражувањето, реализирано во периодот од јануари до март 2026 година, опфатило 50 повредени лица кои биле третирани за лузни на Универзитетската клиника за дерматологија. Резултатите укажуваат дека една третина од испитаниците се соочуваат со анксиозност, 27,5 проценти имаат симптоми на посттрауматско стресно нарушување (ПТСР), додека 21,6 проценти пријавиле депресија.

Според Арсова, станува збор за масовна несреќа предизвикана од човечки фактор, која носи значително повисок ризик од психолошки нарушувања во споредба со природните катастрофи. Дополнителен отежнувачки фактор е фактот што дури 72 проценти од испитаниците изгубиле блиска личност во трагедијата, што директно влијае врз појавата на ПТСР.

Истражувањето покажува дека семејството е клучен извор на поддршка за дури 96 проценти од испитаниците. Сепак, експертите предупредуваат дека и покрај оваа поврзаност, сè уште постои изразена стигма кога станува збор за барање стручна психолошка помош.

Како особено загрижувачки се посочуваат и начините на справување со траумата. Избегнувачките стратегии, како емоционално оттурнување, повлекување, негирање или користење алкохол и психоактивни супстанции, се поврзани со влошување на психолошката состојба.

Анализата укажува и на родови разлики, при што жените се поранлива категорија и почесто се соочуваат со повисоки нивоа на анксиозност, депресија и ПТСР. Во истражувањето биле вклучени 72 проценти мажи и 28 проценти жени, претежно на возраст од 18 до 29 години.

Од Универзитетската клиника за психијатрија најавуваат дека ќе продолжат со систематско следење на состојбата, со цел навремено препознавање на последиците, намалување на стигмата и обезбедување соодветна стручна поддршка за сите засегнати од трагичниот настан во Кочани.