Мојсоска: Новиот државен обвинител испорача сѐ што побара Мицкоски

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро ги критикуваше последните одлуки на Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека тие се донесени во интерес на актуелната власт и премиерот Христијан Мицкоски.

Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска посочи дека по изборот на новиот државен јавен обвинител Савески, биле донесени низа одлуки кои, според неа, директно влијаат врз борбата против корупцијата.

Таа тврди дека од функцијата била отстранета обвинителка од ОЈО ГОКК која, како што наведува, единствено ги гонела корумпираните полициски началници поврзани со трагичен настан. Дополнително, Мојсоска критикува дека Советот ја отфрлил претставката на обвинителката Ленче Ристоска против премиерот Мицкоски.

Мојсоска дополнително реагира и на укинувањето на суспензијата за вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, како и на назначувањето на Анита Топалова Исајловска за заменик на државниот обвинител, потсетувајќи на нивни претходни одлуки во чувствителни предмети.

Од Советот на јавни обвинители засега нема официјална реакција на ваквите обвинувања.