Левица: ДПМНЕ капитулира пред Вреди: Јубилеј за контроверзниот Милаим Фејзиу отвора прашања за критериумите на државата

Секторот за култура при Левица ја критикува одлуката на ДПМНЕ да го одобри одбележувањето на јубилеј посветен на контроверзниот Милаим Фејзиу, оценувајќи дека партијата „капитулирала“ пред коалициониот партнер Вреди.

Одлуката за одбележување на јубилејот на Фејзиу отвора сериозно прашање за критериумите според кои државата селектира личности достојни за институционално чествување. Според Левица, предлогот минува „без збор“, што создава впечаток на политичка инерција и задоволување на коалициски апетити наместо аргументирана дебата.

Посебно е проблематично што паралелно се одбиваат други предлози за јубилеи со образложение „непотребно отворање на Пандорината кутија“, додека Фејзиу се прифаќа, што, според Левица, покажува недоследност и селективна чувствителност кон историските контроверзии.

Левица предупредува дека ваквите одлуки ризикуваат да ја компромитираат симболичката функција на државните чествувања, кои, наместо да служат како точки на заедничко сеќавање, можат да станат извори на нови поделби. За споредба, во исто време се планирани јубилеи за фигури како Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Петре Андреевски, Никола Бадев и Ристо Шишков.

„Прашањето не е само дали Фејзиу е ‘достоен’ за одбележување, туку дали државата е подготвена да ги сноси последиците од попуштањето на коалициските партнери и политичките интереси“, заклучуваат од Левица.