Димовски: Дизелот можел да биде поевтин за 18% ако рафинеријата не беше продадена

Став на Дејан Димовски, дипломиран инженер.

Дејан Димовски во јавен статус отвора прашања за формирањето на цените на нафтените деривати во Македонија, тврдејќи дека граѓаните плаќаат значително повисоки цени поради отсуството на домашно рафинирање.

Според неговата анализа, доколку рафинеријата во Миладиновци, денес позната како ОКТА, останела во државна сопственост и активно рафинирала нафта, цената на дизелот би била пониска за околу 18 проценти.

Сепак, според одлуките на Регулаторна комисија за енергетика, максималната цена на дизелот изнесува 95,5 денари за литар, што создава разлика од околу 18 денари по литар.

Во статусот се наведува и дека акцизата за дизел изнесува 15,5 денари по литар, додека трговските маржи достигнуваат до 6 денари, при што, како што тврди Димовски, трговците најчесто ја применуваат максималната дозволена маржа.

Како клучен проблем, тој ја потенцира продажбата на рафинеријата во времето на владата предводена од Љубчо Георгиевски, оценувајќи дека со тоа државата го изгубила капацитетот за влијание врз цените на горивата.

Димовски заклучува дека доколку постоела домашна преработка, дизелот во моментов би се движел меѓу 83 и 85 денари за литар, и додава дека стратешките енергетски капацитети не треба да се приватизираат, бидејќи тоа има долгорочни економски последици за граѓаните.