Јанков: Владините политики, а не „хистеријата“, ја диктираат цената на становите

Координаторот на секторот урбанизам и локална самоуправа при Левица, Андреа Јанков, остро реагираше на изјавата на министерот за транспорт и врски Александар Николовски, кој посочи дека партијата со „создавање хистерија“ придонела за раст на цената на станбениот простор до 2.500 евра за метар квадратен.

Во својата јавна реакција, Јанков истакнува дека ваквите тврдења се неосновани и ги игнорираат реалните економски и системски фактори кои влијаат врз цените на недвижностите. Според него, инфлацијата, која на глобално ниво се движи околу 3–4 проценти годишно, а во земјава достигнува и до 6 проценти, директно се вградува во трошоците за изградба, особено ако се земе предвид дека изградбата на еден објект трае и до две години.

Дополнително, Јанков укажува дека цените на градежните материјали, особено челикот и арматурата, зависат од светските берзи, додека локалното производство, како бетонот, е под влијание на цената на енергенсите. Завршните материјали, пак, во најголем дел се увозни, што дополнително ја зголемува конечната цена на станбениот простор.

Тој дополнува дека во актуелната структура на цената на метар квадратен, околу 30 проценти отпаѓаат на локацијата, 25–30 проценти на инвеститорската маржа, дел на инфлацијата и растот на работната сила, додека реалните трошоци за изградба ретко надминуваат 40 проценти од продажната цена.

Јанков ја потенцира и слабата застапеност на социјалното домување во државата, посочувајќи дека додека земји како Холандија и Австрија имаат значителен удел на вакви станови, кај нас тој изнесува едвај 0,5 проценти. Според него, недостатокот на државна стратегија и јавни инвестиции во станбениот сектор дополнително ја влошува состојбата на пазарот.

Во заклучок, координаторот на Левица оценува дека актуелните политики во градежништвото создаваат систем кој оди во прилог на приватните интереси, наместо на граѓаните, додавајќи дека одговорноста за високите цени не може да се префрла на политички противници.