Градот Бања Лука во Босна и Херцеговина започнува со доделување бесплатни парцели за изградба на куќи, по стапувањето во сила на измените на Законот за стварни права.
Од локалната власт информираат дека мерката е наменета за млади брачни парови, самохрани родители и семејства со четири или повеќе деца. Новите законски измени, кои стапија во сила на 21 март, овозможуваат доделување право на градење без надомест за овие категории граѓани.
Советничката за правни прашања на градоначалникот, Ведрана Проле, изјави дека со измените се создава правна основа за започнување на процесот на распределба на парцелите, а предлог-одлуката наскоро ќе биде доставена до Градското собрание.
Програмата не се ограничува само на доделување земјиште. Според најавите, корисниците ќе добијат и бесплатни градежни дозволи, како и проекти за куќи, со што значително ќе се намалат трошоците за изградба.
Интересот за оваа мерка е голем, а на претходниот јавен повик се пријавиле околу 500 кандидати, што, според градските власти, укажува на сериозна потреба од ваква поддршка меѓу младите.
Иницијативата претходно наиде на отпор во локалното собрание, поради што градоначалникот Драшко Станивуковиќ покрена постапка за измена на законот на ниво на Народното собрание на Република Српска, каде што измените беа усвоени.
Законот беше привремено задржан во Советот на народите поради прашања поврзани со заштитата на виталниот национален интерес, но Уставниот суд на Република Српска оцени дека измените не се дискриминаторски и дека важат подеднакво за сите граѓани.
Со новите измени, правото на бесплатно градење се проширува и на семејствата на загинати војници, воени инвалиди и други категории, со цел олеснување на пристапот до прв сопствен дом.

