Затворени училишта, повредени лица и ветрови до 140 км/ч направија хаос во Словенија, Хрватска и БиХ

Силно невреме проследено со ветрови, дожд и снег предизвика сериозни проблеми во делови од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, оставајќи илјадници граѓани без електрична енергија и затворајќи училишта во повеќе региони.

Во Загреб, силните ветрови предизвикаа хаос низ градот, уривајќи дрвја и оштетувајќи трамваи, автомобили и покриви од згради. Поради опасните временски услови, властите донесоа одлука да не работат основните и средните училишта. Ветровите на моменти достигнувале брзина и до 120 километри на час.

Градоначалникот Томислав Томашевиќ информираше дека пожарникарите интервенирале во повеќе од 300 случаи, при што неколку лица се повредени, од кои едно потешко.

Во Словенија, властите издадоа предупредувања за невреме во десетици општини, каде што ветерот достигнувал брзина од околу 140 километри на час. Повеќе патишта се блокирани од паднати дрвја, а над 15.000 домаќинства останале без струја.

Метеорологот Петра Микуш-Јурковиќ изјави дека вакви долготрајни и силни ветрови не се карактеристични за регионот.

Проблеми се пријавени и во северозападниот дел на Босна и Херцеговина, каде што снегот предизвика прекини во електроснабдувањето, а дел од училиштата беа затворени поради влошените услови.