Симонов: Дефокус и лаги го бележат шизофрениот бипартизам, младите заглавени со нереални цени на станови

Александар Симонов, член на президиумот на Левица, преку јавна објава, остро го критикуваше актуелниот политички систем и односот на владејачките партии кон клучните економски и социјални проблеми. Според него, „дефокус во отсуство на аргументација“ е техника која очајнички ја користеле СДСМ, а сега ја применува и ВМРО, секогаш кога се „пеглани“ на говорница, што, како што вели Симонов, е класично признавање на пораз и немоќ за спротивставување.

Тој додава дека „шизофрениот бипартизам“ цело време не може да се договори сам со себе, кој што основал, кој плаќал, кој формирал, кој креирал, а политичките лаги за Левица, според него, би биле решени до сега ако биле вистина: или ќе била власт или нема да постоела.

Главниот фокус на Симонов беше економската и егзистенцијална криза со станбеното прашање за младите. Тој истакна дека нереално високите цени на становите, полошите банкарски услови и можноста странски корпорации да ги купуваат и држат становите за профит создаваат „легитимно должничко ропство“ за младите семејства.

Тој ја критикуваше и практиката на власта со проекти прогласени за јавен интерес, кои овозможуваат олигархија да гради хотели, да увезува евтина работна сила и да ги намалува давачките кон државата, со што се зголемуваат социјалните и економските неправди.