„Од дневникот на Фидел Кастро: НАТО убијци во Југославија“

Овој брутален воен сојуз стана најподмолен инструмент за репресија во човечката историја. НАТО ја презеде таа репресивна улога веднаш штом СССР, кој служеше како изговор за Соединетите Американски Држави да го создадат, престана да постои. Неговите злосторнички цели станаа очигледни во Србија, словенска земја чиј народ херојски се бореше против нацистичките трупи за време на Втората светска војна.

Кога во март 1999 година државите од оваа подмолна организација, која имаше амбиција за распад на Југославија по смртта на Јосип Броз Тито, ги испратија своите трупи за поддршка на косовските сецесионисти, наидоа на силен отпор од оваа нација, чии искусни сили останаа недопрени. Администрацијата на САД, советувана од десничарската шпанска влада на Хосе Марија Азнар, ја бомбардираше зградата на српската телевизија, мостовите на Дунав и главниот град Белград. Со нивните бомби беше уништена и амбасадата на Народна Република Кина, каде што неколку функционери ги загубија животите, а тоа во никој случај не беше грешка, како што тие тврдеа. Многу српски патриоти ги загубија своите животи.

Претседателот Слободан Милошевиќ, под притисок на моќниот агресор и по исчезнувањето на СССР, отстапи пред барањата на НАТО и прифати присуство на нивни трупи на Косово под мандат на ОН, што на крај доведе до негов политички пораз и до негово испраќање пред судот во Хаг, кој во никој поглед не е непристрасен. Почина во затвор под неразјаснети околности. Доколку српскиот лидер се спротивставеше уште неколку дена, НАТО ќе влезеше во сериозна криза што веќе се наѕираше.

Империјата на тој начин доби многу повеќе време да ја наметне својата хегемонија врз сè поподредените членки на оваа организација. Од 21 февруари до 27 април објавив девет „Размислувања“ на оваа тема на веб-страницата CubaDebate, детално расправајќи за улогата на НАТО во Либија и за она што, според моето мислење, ќе се случи.

Ќе морам да ги сумирам основните идеи што ги изнесов и фактите што се одвиваа токму како што ги предвидов, сега кога клучната фигура во оваа приказна, Муамер ел Гадафи, по тешкото ранување од страна на најсовремените НАТО ловци-бомбардери кои го пресретнаа и уништија неговото возило, беше фатен жив и убиен од луѓе кои оваа воена организација ги вооружи. Неговото тело потоа беше одземено и прикажано како воен трофеј, постапка што ги крши најосновните начела на исламот и на другите религии.

Ни велат дека Либија наскоро ќе биде прогласена за „демократска држава и заштитничка на човековите права“. Затоа, на овие важни и значајни факти ќе морам да им посветам неколку размислувања.

Ќе продолжам утре, во понеделник.