- Пишува Тања Мицков, театарски работник.
Исто како и во “реалноста”, денес постојат “два паралелни” театра, не само како стилови, туку како две идејно спротивставени логики.
Првиот е театарот на конзумеризмот односно театарот на потрошувачот.
Стенд-ап формати, мјузикли со ефект, комедии со сигурен ритам и предвидлив крај односно визуелно „инстаграмабилни“ претстави е театарот кој не бара мисловен напор, мисловен процес, не копа по дебрите на душата, не отвора рана и не поставува апсолутно никаков ризик. Публиката доаѓа да се релаксира, да се насмее и да заборави…на животот. Тоа е естетика на моментот, “фаст-фуд култура”- брза, вкусна, без нутритивни вредности, често пати не здрава, а утредента веќе е потрошена и заборавена “духовна” храна.
Да беше жив таткото на “Системот” можеби би го прочитал овој текст со длабока болка и препознавање. Затоа што она против што се борел самиот тој на преминот од 19 во 20 век бил токму театарот на моментот, на ефектот, на сигурната реакција. Неговиот “непријател” имал друго име тогаш и се викал- театралност, “преигрување”.
Денес се вика стенд-ап, скеч-мјузикл, или инстаграмабилна култура, но суштината е иста.
“Не играјте ја емоцијата – живејте ја” или “ Не КАКО го правиш, туку -ШТО правиш” би дофрлил Станиславски потсетувајќи неʼ на суштината. Неговиот “Систем” не е само некаква техника и начин на игра, тој е систем за присуство и таму Актерот не симулира, не конструира реакција, тој влегува во животот на ликот преку самата вистина на чувството во дадените околности.
А тоа е токму она што конзумерскиот театар го отфрла – ризикот од вистинска емоција.. Претпочитајќи ја сигурната реакција, односно смеата на правилното место или аплауз на точниот сигнал, се губи прашањето “Што ако?”.
Актерот не знае каде ќе заврши сцената, затоа што неговиот лик не знае, и всушност таа неизвесност претставува ЖИВОТ.
На пример “стенд-апот” функционира тотално спротивно, затоа што е структуиран со “гарантираната поента”.
Секоја реченица е пресметана како со лењир во правец кон смеата.
Нема „Што ако” туку има „Кога”,
“Кога” ќе кажам ова, публиката ќе се смее.
И ова би била “смртта на театарот”..- (според Станиславски, но и многу други), и не затоа што смеата е лоша, туку затоа што ПРЕДВИДЛИВОСТА ја убива ПРИСУТНОСТА.
Мојот Станиславски сигурно би рекол, дека публиката не е идиот.
Таа секогаш знае кога актерот лаже.
Тој вели дека тоа што го прави јадрото на сеʼ во Театарот е Ансамблот, со целиот задкулиснен механизам и како таков треба да претставува жив организам кој дише, живее и умира заедно на сцената, не би требало да претставува збир на “ѕвезди”.
Секој актер слуша, реагира, се менува под влијание на другите. Нема главни и споредни улоги, туку има жива мрежа на односи.
Конзумерскиот театар го уништува ансамблот во корен, затоа што го гради околу индивидуалниот изведувач-перформер и од таму
“Стенд-ап комичарот” е дефиниција за антиансамбл – сам на сцена, без партнер, со публика која не е соговорник туку едноставно целна публика со предвидени реакции по кажаната реплика..
Вториот Театар е театарот на мислата.
Ансамблски структури, политички и социјален театар, документарни и физички форми. Таму нема “тапкање по рамо”, нема утеха, нема инстант емоција.
Таму има судир, таму има прашања без одговори, тишини што тежат повеќе од текстот, односно
колективна тишина кога публиката не знае дали да аплаудира или да молчи.
Тоа е она „зрачење” помеѓу Театарот и публиката, моментот кога комуникацијата е толку длабока што го надминува аплаузот. Не треба да се плашиме од таа “конфузна” тишина затоа што токму тогаш трансформација е во тек, тишината е продолжување на животот на делото, од спротивната страна на рампата – во публиката, каде се раѓа чувството дека нешто во неа е поместено, а аплаузот е само крај на “контактот”.
Тоа е театар што не се консумира, тој се преживува, прашува, остава трага, дава утеха или удира шамар..
И не, ова не е прашање на вкус, туку на суштина. И не станува збор за тоа што публиката сака, односно “каква песна нарачува”, туку што ТЕАТАРОТ престанува да биде.
Разликата не е само во “жанрот”, туку во самата функција на Театарот.
Комерцијалниот притисок врз институционалниот Театар ја искривува рамнотежата, затоа што театарите почнуваат да го “мерат” успехот во бројот на продадени билети, а не во интензитетот на мисловното ехо. Во таква логика, „сигурниот избор“ полека но сигурно станува правило, а “ризикот” станува исклучок.
Но, тука не завршува приказната, напротив, во епоха на плиткост, длабочината не исчезнува,таа станува поостра и повидлива. Од Шекспир, преку Бертолт Брехт до Мрожек, па сеʼ до современите автори како Вирипаев и дружината, театарот на мислата опстојува токму затоа што едноставно не може да биде заменет. Ниту еден стенд-ап не може да ја реплицира таа колективна тишина во салонот кога публиката не знае дали да аплаудира или да молчи, затоа што едниот нуди инстат реакција, а Театарот нуди трансформација.
Исто како кога ќе се насмееш, тоа е момент, но непријатноста кога не знаеш како да изреагираш е мисловен процес, и токму во тој процес се случува уметноста.
Затоа Театарот како уметност е бесмртен,тој не умира (засега) но… започнува да се дели. Нема опасност во постоењето на забавата, загрижува опасноста во нејзината институционализација како норма. Кога театрите што треба да ја чуваат мислата и да образуваат, да поставуваат прашања и на морал и на етика, на девијантни општествени појави, да ја прекоруваат амнезијата на вредности и распадот на општествената доверба, и наместо тоа ќе почнат да функционираат како забавни луна паркови, како индустрија за забава тогаш опасноста веќе не е само естетска, туку цивилизациска и театарот би започнал полека да “умира”..
Публиката за длабок и суштински театар, за претстава, и те како постои, не исчезнала, таа е само оттурната, можеби заради желбата за допадливост на високомерните политики односно нивните фигури коишто во минатото, сега и во перспектива само би го омаловажиле Театарот и Творбата, а со тоа и Културата претставувајќи ги како продукт, наместо како кауза.
Нека е среќен Светскиот ден на Театарот, само направете му пат да помине…

