Би сакал да ви одговорам со слика. Не сум писател, но бидејќи е многу тешко да се испратат бои по жица, ќе се обидам да ви кажам.
Моето членство во Комунистичката партија е логична последица на целиот мој живот, на целото мое дело. Зашто, со гордост можам да кажам дека сликањето никогаш не сум го сметал за уметност на проста забава, рекреација; сакав со цртежот и бојата, бидејќи тоа е моето оружје, да навлезам уште подлабоко во разбирањето на светот и луѓето, за тоа разбирање секојдневно да придонесува за ослободување; се обидував на свој начин да го изразам она што го сметав за највистинито, најточно, најдобро, а тоа, секако, секогаш било и најубавото, како што добро знаат најголемите уметници.
Да, свесен сум дека секогаш сум се борел со своите слики, како вистински револуционер. Но сега сфатив дека тоа само по себе не е доволно; овие години на страшно угнетување ми покажаа дека морам да се борам не само со својата уметност, туку со целото свое битие. Така и пристапив кон Комунистичката партија без двоумење, бидејќи во суштина отсекогаш сум бил со неа.
Арагон, Елуар, Касе, Фугерон, сите мои пријатели добро знаат; тоа што досега не сум се приклучил официјално беше поради наивното уверување дека е доволно што со својата работа и срце сум со нив, но сето време тоа беше мојата партија.
Не е ли Партијата таа што најмногу се труди да го спознае и создаде светот во кој луѓето утре ќе можат да бидат поразумни, послободни, посреќни? Не беа ли комунистите најхрабрите во Франција, Советскиот Сојуз или во мојата Шпанија? Како воопшто би можел да се двоумам? Од страв од обврска? Напротив, никогаш не сум се чувствувал послободен или поисполнет!
Побрзав повторно да ја откријам својата татковина: отсекогаш бев во егзил, сега веќе не сум. Додека мојата Шпанија не ме прими, Француската комунистичка партија ги рашири своите раце. Тука го најдов она што најмногу го ценам: најголемите научници, најголемите поети и сите оние прекрасни лица на париските бунтовници.
Од интервју на Пол Галјар со Пабло Пикасо
Објавено во L’Humanité, 29–30 октомври 1944 година

