Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денешните глобални конфликти и нарушувањето на меѓународниот поредок имаат корени во настаните од 24 март 1999 година, кога започна бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО.
Говорејќи на одбележувањето на 27-годишнината од почетокот на бомбардирањето, Вучиќ оцени дека тој датум го означил „крајот на меѓународното право и поредок, вистината и правдата“.
„Секоја војна што се случува денес, секое насилство и кршење на принципите не започна вчера, туку на 24 март 1999 година“, изјави Вучиќ, додавајќи дека тогаш била создадена практика која и денес влијае врз меѓународните односи.
Според него, нарушувањето на територијалниот интегритет на државите и наметнувањето на решенија со сила се директна последица на настаните од тој период.
Обраќањето се одржа во Врање, каде што тој посочи дека 24 март 1999 година не е само датум на почеток на воена интервенција, туку и симболичен момент кога, како што рече, биле нарушени основните принципи на меѓународниот систем.
„Ако еден ден светот биде уништен, нема да има сомнеж – крајот започна тогаш“, изјави Вучиќ.
Неговите изјави доаѓаат во контекст на одбележување на годишнината од бомбардирањето и актуелните глобални тензии, при што повторно се отвора дебатата за улогата на меѓународното право и последиците од воените интервенции.

