Повеќе од 300 деца го загубиле животот во Иран и Либан од почетокот на војната, соопшти УНИЦЕФ, предупредувајќи на драматичните последици врз најмладите во регионот.
Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, изјави дека од 28 февруари досега загинале 324 деца – 206 во Иран и 118 во Либан. Дополнително, четири деца во Израел и едно во Кувајт загинале како последица на иранските одмазднички напади.
Вкупно, повеќе од 2.100 деца се убиени или повредени од почетокот на борбите, додаде Чајбан, нагласувајќи дека зад бројките стојат уништени семејства и заедници.
„Цели градови и држави се во шок. Сведоци сме на масовно раселување предизвикано од постојани бомбардирања и наредби за евакуација“, изјави тој на брифинг во Њујорк.
Според податоците на УНХЦР, до 3,2 милиони луѓе се раселени во Иран, меѓу кои до 864.000 деца, додека во Либан бројката надминува еден милион раселени, од кои околу 370.000 се деца. Голем дел од нив се засолнуваат во јавни објекти, вклучително и училишта.
Од Пентагон тврдат дека американските сили не таргетираат цивили, обвинувајќи го Иран за користење на цивилни области за воени цели. Слична позиција изрази и американскиот Стејт департмент, кој оцени дека иранските власти покажуваат „непочитување кон човечкиот живот“.
Во меѓувреме, Амнести интернешнл соопшти дека уште на првиот ден од конфликтот, ракетен напад врз училиште за девојчиња во Иран однел најмалку 168 животи, од кои повеќе од 100 деца. Според извештаи на Њујорк тајмс, тековна истрага укажува дека нападот бил резултат на грешка при таргетирање од страна на американската војска.
Хуманитарните организации предупредуваат дека конфликтот дополнително ја влошува и онака кревката состојба во регионот, каде што милиони деца веќе живеат во услови на нестабилност. Уништени се домови, училишта и болници, а здравствените системи се на работ на колапс.
Истражувачи од Хјуман рајтс воч предупредуваат на можни присилни раселувања во Либан, повикувајќи на итна реакција од меѓународната заедница.
Во обид за деескалација, американскиот претседател Доналд Трамп најави петдневна пауза на нападите врз иранската енергетска инфраструктура по, како што рече, „продуктивни разговори“. Сепак, претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, ги демантираше ваквите тврдења, оценувајќи ги како „лажни вести“ со цел манипулација на пазарите.
Хуманитарните организации предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи, последиците за децата ќе бидат долгорочни и тешко надминливи.
Следи го Антропол преку Google 
