- Пишува проф. д-р Благица Сековска
Во овој нов модерен свет, изгледа како да забораваме дека земјоделството всушност значи храна. Почнавме да ја перцепираме храната како нешто што ни е загарантирано, нешто што ни е на допир на раката, во најблискиот супермаркет, секогаш кога тоа ќе го посакаме, па за што воопшто би се грижеле? Но, геополитичкиот конфликт во регионот на Блискиот Исток ни покажува дека и тоа како имаме причини за основана грижа. Имено, актуелниот конфликт на Блискиот Исток претставува сериозен ризик за стабилноста на светските енергетски и трговски текови, а неговите последици и тоа како ќе се почувствуваат во македонската економија. Во една ваква нарушена геополитичка состојба, со економска криза пред која е исправен целиот свет неминовно е да се запрашаме дали нашата влада е свесна дека обезбеденоста со храна претставува значаен дел на националната безбедност?
Фактори за необезбеденоста или несигурноста со храна има многу, и за жал тие се во енормен пораст. Часовникот брзо отчукува и не тера многу посериозно да се замислиме над овој проблем. Прашањето за обезбеденоста со храна во Македонија претставува се поактуелна тема во контекст на зголемената глобална нестабилност на пазарите со храна и енергија. И покрај поволните природни услови за производство на храна, земјава се соочува со структурна зависност од увоз на основни прехранбени производи, особено на житарици, сточна храна и растителни масла. Оваа зависност ја зголемува ранливоста на националниот систем за снабдување со храна од надворешни шокови, а особено од нарушување на глобалните трговски синџири како што е овој геополитички конфликт на Блискиот Исток.
Дополнителен предизвик претставуваат и структурните слабости на земјоделскиот сектор на Македонија кој последниве децении континуирано се уништува. Тука влегуваат фрагментираната структура на земјоделското земјиште, ниската продуктивност, стареењето на земјоделското население, недоволната модернизација на земјоделството и сл. Во вакви услови, концептот на обезбеденост на храна не може да се разгледува само низ призмата на моменталната достапност на храна на пазарот, ами и преку стабилноста на домашното производство, функционалноста на стоковите резерви, како и способноста на државните институции да реагираат на кризни ситуации.
Од 2008 година па сѐ до денес глобалниот индекс на цените на храната е во постојан пораст за да голем ценовен скок достигне во 2021 и 2022 (125,8 и 144,7), како резултат на КОВИД-19 пандемијата и почетокот на военито конфликт во Украина. ФАО наведе во својот извштај дека во Март 2022, глобалниот индекс на храна го достигна своето највисоко ниво од својот почеток во 1990. Најновата геополитичка состојба ќе го сруши досегашниот рекорд и ќе ги качи цените на храната во 2026 на историски највисоко ниво до сега.
Глобалната ситуација во однос на сигурноста со храна денес, а и во иднина изгледа многу несигурно и нестабилно, со големи предизвици особено за сиромашните земји и семејства. На глобално ниво постои висока несигурност за храна со 11,6% од светската популација која буквално гладува, а со новите состојби тој процент драстично ќе се зголеми. Несигурноста за храна во светло на сите споменати фактори се очекува во текот на идните години да порасне, а во Македонија како никој да не е загрижен пред овој факт.
Нарушувања на транспортот на нафта и природен гас преку Ормускиот теснец, од каде поминува околу една петтина од светската нафта, доведе до раст на цените на нафтата на светските пазари кои веќе достигна ниво од околу 120 долари за барел во периоди на најголема нестабилност, што може да предизвика долготрајни последици врз глобалната економија. За Македонија, која е значително зависна од увоз на енергенси, ваквиот развој може да резултира со: поскапување на цените на нафтата и нафтените деривати како и електричната енергија што неминовно ќе доведе до зголемени транспортни трошоци, а со самото тоа и пораст на цените на храната што може да не внесе во инфлаторна спирала и намалување на куповната моќ на населението.
Земјоделството е сектор кој е особено чувствителен на цените на енергенсите и суровините. Поголем дел од земјоделското производство зависи од нафта, минерални ѓубрива, пестициди и транспорт. Конфликтот во Иран доведува до раст на цените на ѓубривата, бидејќи значителен дел од нивното производство и извоз се поврзани со регионот на Блискиот Исток. Проценките покажуваат дека околу една третина од светскиот извоз на ѓубрива е поврзан со транспортни рути во овој регион. Како последица на тоа ќе дојде до зголемување на производствените трошоци за земјоделците, намалување на употребата на ѓубрива што може да предизвика пад на приносите кај одредени култури како и намалување на профитабилноста на земјоделските стопанства. Ваквите надворешни шокови можат дополнително да ја намалат конкурентноста на домашното земјоделско производство кое и онака се соочува со проблеми.
Македонија во последниве децении од нето извозник на храна се претвори во увозно зависна земја. Со оглед на фактот што Македонија увезува најголем дел од храната, а особено жито, сточна храна и растителни масла, тоа значи дека импактот што блиско источната криза ќе го има врз цените на храната на глобалниот пазар ќе се прелеат и врз растот на цените на основните прехранбени производи во нашава земја што ќе предизвика поголема нестабилност на домашниот пазар како и краткорочни нарушувања во снабдувањето. Особено чувствителен може да биде секторот на сточарството, бидејќи поскапувањето на сточната храна и горивата директно ја зголемува цената на месото, млекото и другите животински производи.
Во вакви услови, неопходно е креирање на политики насочени кон зголемување на домашното производство на храна, подобрување на енергетската ефикасност во земјоделството, диверзификација на увозните пазари како и создавање стратешки резерви на основни прехранбени производи. Само преку вакви мерки може да се намали ранливоста на македонската економија кон глобалните геополитички шокови. Во случај на посериозна дестабилизација на домашниот пазар државата би можела да пушти во промет дел од државните стоковни резерви за основни прехранбени производи (жито, брашно, масло, шеќер), со цел да се стабилизира снабдувањето, да се спречи шпекулативен раст на цените и да се намали паниката на пазарот. Во услови на криза, ваквите резерви се важен инструмент за стабилизација на пазарот на храна. Впрочем за тоа и постои институцијата – Агенција за државни стоковни резерви. За жал државните стоковни резерви во Македонија, иако постојат како институционален систем, ограничени се по обем и недоволни за долгорочна криза, а (не)соодветното менаџирање со истите е тема за друга долга анализа.
Со оглед на фактот што се најдуваме во период на почеток на пролетната сеидба, државата и тука може да направи низа на интервентни мерки со кои ќе го стабилизира и зголеми домашното земјоделско производство. Бидејќи земјоделството е силно зависно од цените на енергијата и ѓубривата, државата може да интервенира преку субвенции за гориво во земјоделството, поддршка за набавка на минерални ѓубрива и зголемени директни плаќања за клучни култури (пченица, пченка) со цел да се задржи и зголеми домашното производство на храна, што е клучно во време на глобални ценовни турбуленции.
Фискалната политика може директно да влијае врз цените преку намалување на ДДВ за основни прехранбени производи, привремено намалување на акцизите за гориво, намалување на царини за увоз на одредени прехранбени производи со цел да се намали притисокот врз потрошувачите и производителите.
Една од најважните задачи на државата во вакви времиња треба да биде контролата на пазарните злоупотреби за да се спречи ризик од шпекулативно зголемување на цените, создавање вештачки недостиг и картелски договори помеѓу дистрибутерите. Затоа е важно активирање на институциите како антимонополските органи и пазарните инспекции, со цел да се спречат злоупотреби.
За жал, иако земјоделството традиционално претставува еден од најважните економски сектори во Македонија, тој со години покажува знаци на структурна стагнација и институционална неефикасност. Слабостите во земјоделската политика и управувањето со стоковните резерви ја зголемуваат економската ранливост на државата, особено во услови на глобални кризи во снабдувањето со храна и енергија.
Една од најсериозните слабости на владините политики е фактот што аграрната политика се потпира речиси исклучиво на систем на директни субвенции, без да обезбеди вистинска модернизација на производството. Иако буџетот за земјоделство достигнува околу 440 милиони долари годишно, значителен дел од овие средства се насочени кон директни плаќања, наместо кон структурни инвестиции во технологија, инфраструктура и преработувачки капацитети. Таквиот модел создава краткорочна зависност од државната поддршка, наместо долгорочна конкурентност. Како резултат, земјоделството останува технолошки заостанато, со ниска продуктивност и ограничена додадена вредност.
Политиките на владата не успеваат да го спречат процесот на демографско стареење и напуштање на земјоделството. Просечната возраст на земјоделците во земјата е околу 60 години, а младите луѓе сè помалку гледаат перспектива во овој сектор. Овој тренд е директен индикатор дека владините програми за поддршка на млади земјоделци се недоволно ефикасни и претежно декларативни. Еден од најголемите структурни проблеми на македонското земјоделство е екстремната фрагментација на земјиштето. Голем дел од фармите располагаат со парцели помали од два хектари, често поделени на повеќе оддалечени делови. Оваа го оневозможува користењето на модерна механизација и развојот на комерцијално ориентирано земјоделство.
Во последните години увозот на земјоделски и прехранбени производи значително го надминува извозот, што укажува на слабост на домашниот производствен систем. Овој парадокс претставува сериозен индикатор за неефикасноста на аграрната политика. Дополнителен алармантен показател за неуспешноста на аграрните политики е фактот што околу 32% од обработливото земјиште во земјата е напуштено. Ова значи дека значителен производствен потенцијал останува неискористен, додека државата продолжува да увезува значителни количини храна. Причините за оваа појава се поврзани со ниска профитабилност на земјоделството,недостаток на инвестиции, слаб пристап до финансии, недоволна и несоодветна институционална поддршка. Управувањето со стоковните резерви претставува уште една слабост во несоодветниот пристап на владата кон обезбедувањето на сигурноста со храна.
Зајакнувањето на националната безбедност на храната бара интегриран пристап кој опфаќа стимулирање на домашното производство, подобрување на аграрната инфраструктура, диверзификација на увозните извори и развој на ефективен систем на стратешки резерви на основни прехранбени производи. Сигурноста или обезбеденоста со храна е критична компонента на националната сигурност и таа има директно влијание врз националната стабилност, здравјето на нацијата и вкупната отпорност на државата. Под поимот сигурност или обезбеденост со храна подразбираме способност на државите да обезбедат соодветна дистрибуција на храна со која ќе ја прехранат нацијата.
Од друга страна, пак, суверенитет на храната представува способност на државата сама да произведе најголем дел од храната за задоволување на потребите на своите граѓани. Само земја која што може да обезбеди поголем дел од храната, водата и енергијата неопходна за потребите на граѓаните на таа држава може да се нарече вистински суверена држава. Затоа храната, односно обезбеденоста или сигурноста со храна представува значаен дел од општата национална сигурност и безбедност. А цели на националната безбедност се да ги заштити своите граѓани, економски и институционално, од различни надворешни закани.
Во светлото на оваа дефиниција можеме слободно да си го поставиме прашањето: Дали, и во кој обем, Македонија е суверена земја?

