Мојсоска: Без партиска поддршка тешко до работа – младите се оттурнати од системот

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во интервју за Собранискиот канал говореше за личното искуство како млад човек кој се соочил со, како што вели, нефункционалностите на системот и партизацијата при вработувањето.

Таа посочи дека по дипломирањето на Факултетот за безбедност, се обидела да најде работа во државни институции, но без успех. Според неа, „јавна тајна“ е дека без поддршка од партија на власт, младите тешко можат да се вработат во јавниот сектор.

Таа истакна дека многу млади, особено квалитетните студенти, по завршување на образованието имаат желба и ентузијазам да придонесат за државата, но се соочуваат со затворени врати. Според неа, тоа доведува до губење на потенцијал и разочарување кај младите генерации.

Во отсуство на можности во струката, Мојсоска работела во приватниот сектор, меѓу другото во сметководство и медиуми, а дури запишала и Факултет за ветерина, водена од љубовта кон животните и желбата да најде алтернативен професионален пат.

Сепак, како што посочува, нејзиниот животен пат подоцна ја насочил кон поактивно вклучување во политиката, каде што гледа простор за промени.

Мојсоска нагласува дека токму младите кои поминуваат потежок пат се оние што имаат капацитет да го менуваат системот. Таа изрази оптимизам дека идните генерации ќе успеат да ги исправат неправдите и нефункционалностите со кои се соочувала нејзината генерација.