Левица предупредува дека од самото формирање на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), па до денес, изборот на нејзините членови се врши по партиски клуч, под превез на наводна независност и експертиза. Наместо институција која ќе го штити јавниот интерес, РКЕ, според партијата, се претворила во механизам преку кој се носат одлуки во корист на тесен круг политички и бизнис интереси, на штета на граѓаните.
Од Левица оценуваат дека најавениот избор на Ацо Ристов за претседател на РКЕ е само продолжение на истата пракса. Посочуваат дека станува збор за поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (2021–2025), со, како што велат, јасни политички и бизнис релации во енергетскиот сектор. Според нив, во вакви околности не станува збор за стручност, туку за неспособност да се обезбеди независно регулирање.
Партијата потсетува дека историјатот на РКЕ го потврдува континуитетот на вакви практики. Како пример го наведуваат Марко Бислимоски, кој, според нив, од партиски кадар на СДС стигнал до два мандати како претседател на Комисијата. Дополнително, го посочуваат и Димитар Петров, кој од ЕВН доаѓа во РКЕ, а по завршувањето на мандатот повторно се враќа во истата компанија, што, според Левица, отвора сериозни сомнежи за судир на интереси.
Од партијата укажуваат дека слични обрасци се присутни и кај актуелните членови, меѓу кои Елена Маркова Велинова и Атанаско Туневски, за кои тврдат дека имаат партиски и политички ангажмани паралелно со нивните позиции во енергетскиот сектор.
Левица оценува дека додека РКЕ функционира како партиска испостава, граѓаните ќе продолжат да ја плаќаат цената преку повисоки сметки за струја и поскапи горива. Според нив, регулаторот наместо да биде заштитник на граѓаните, станува алатка преку која товарот се префрла директно врз народот.
Во тој контекст, од партијата заклучуваат дека изборот на Ристов не значи промена, туку продлабочување на недовербата во институцијата. „Прашањето повеќе не е дали РКЕ е независна, туку до кој степен ќе продолжи да биде инструмент во рацете на политичко-бизнис структури“, велат од Левица, додавајќи дека граѓаните се тие што ги трпат последиците од ваквото управување.

