Јовановска: Граѓаните чекаат автобуси по 40 минути – јавниот превоз во колапс

Советничката во Град Скопје од Левица, Катерина Јовановска со критики до градските власти за состојбата со јавниот превоз, обвинувајќи за лошо менаџирање и игнорирање на реалните проблеми на граѓаните.

Во своето обраќање на седница на Советот, Јовановска посочи дека нема потреба од, како што рече, „затворени состаноци зад затворени врати“, туку дека сите прашања треба јавно да се дискутираат пред граѓаните и медиумите.

Таа го доведе во прашање тврдењето дека се реализираат проекти во интерес на граѓаните, прашувајќи каде се ветените нови автобуси и како се подобрува услугата кога, според неа, интервалите на возење се зголемуваат наместо да се намалуваат.

Советничката истакна дека нередовниот јавен превоз директно влијае врз секојдневието – ученици не можат навреме да стигнат на училиште, пациенти на прегледи, а работниците на своите работни места.

Дополнително, таа посочи дека дел од автобусите се соочуваат со технички проблеми и недостиг на гориво, што, според неа, ја влошува состојбата.

Јовановска обвини дека наместо преземање одговорност, вината се префрла врз опозицијата, оценувајќи дека причината за незадоволството е токму реалната состојба на терен.