- Став на Реџеп Исмаил-Хактан
Империјализмот како највисок стадиум на либерализмот: Улогите на хегемонот и неговите стратешки партнери. Или, кој кого контролира – САД Израел или обратно.
Германскиот канцелар Мерц: „Израел ја врши валканата работа за нас – сите страдаме од режимот на Иран, целиот свет е загрозен од овој режим“.
Оваа изјава не е ништо ново. Таа претставува повторување на веќе виден наратив – оправдување кое со години се пласираше пред западната јавност како причина за започнување воени агресии против народите на Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и Јемен. Денес, истата матрица се применува и во однос на Иран. Речиси идентично, со единствена промена на субјектот што се прогласува за закана. Сега одеднаш терористичките напади од минатото не биле направени од салафи-вехабистичките организации како ИСИС и Ал-Каеда, туку зад нив стоел „режимот на Иран“.
Инаку, мала дигресија, за организациите како ИСИС и Ал-Каеда веќе никој нема дилема дека беа поттикнати од Израел и САД, токму со цел вршење на „валканата работа“ во корист на интересите и плановите на колективниот Запад. Истово е потврдено од страна на западистичките најеминентни медиумски агенции и признанија на високи профили од нивните администрации, вклучително и со последното признание на принцот на Саудиска Арабија, де факто владетел, Салман. Администрацијата на САД оди дотаму што сега дури и тврди дека Иран стоел позади обидот за атентат на претседателот Трамп?!
Ваквите оправдувања се особено важни за сензитивната јавност во Европа. Но, од друга страна, одредени кругови во САД сè почесто отворено ги артикулираат своите геополитички цели – контрола врз ресурси, одржување на глобалната доминација и спречување на појава на алтернативни центри на моќ. Пример се изјавите на Претседателот Трамп и министерот за војна Хегсет.
Впрочем, Историјата нуди значаен пример: Иран во 1950-тите години. Демократски избраниот премиер Мохамед Мосадег, покрај останатите прогресивни реформи (аграрна, образовна и социјална), ја национализираше и нафтената индустрија, која дотогаш беше под британска контрола. Неговата политика претставуваше закана за интересите на странскиот капитал, по што следеше државен удар организиран од САД и Британија, во кој Мосадег беше соборен од власт.
Тука доаѓаме до суштинската поента. Материјалистичката анализа покажува дека односите меѓу државите не се водени од морални принципи, туку од економски интереси и класни структури. Оттука воопшто не е точно популарното мислење, особено проширено во антиимперијалистичкиот табор критичен кон САД и Израел, дека всушност Израел е тој што ја контролира и ја насочува, за сопствена корист (а против интересите на САД), владејачката елита во САД. Не, напротив. САД има огромна корист од улогата на Израел на Блискиот Исток – држава која со години служи како алатка за проектирање на моќ во тој дел од светот.
Во тој контекст, улогата на Израел може да се разбере како дел од поширока геополитичка архитектура. Не како самостоен контролор, туку како сојузник кој функционира во рамките на интересите на поголем систем. Како што Ленин нагласува, империјалистичките сили често користат регионални актери за проектирање на моќ и заштита на сопствените економски интереси. Тоа што некогаш и некаде се поклопуваат интересите и целите на „Империјата“ и владата на Израел (Нетањаху) е само дел од низата глобалистички потфати на САД во процесот на одржување на нивната хегемонија. Способноста на владата на Израел е во тоа да искористи, односно да обезбеди максимум (засега без лимит) амин, да врши континуирано прекршување на меѓународното право, агресија, одржување на концентрациони логори и спроведување на класичен апартхејд и геноцид пред очите на целата светска јавност и за тоа да не сноси никакви последици.
Истовремено, не треба да се игнорира состојбата на обичните луѓе – и во Израел и во поширокиот регион. Животот во постојана тензија, безбедносна неизвесност и политичка радикализација создава услови во кои нормалниот живот станува сè потежок.
Но, траекторијата на историјата, сепак, не може лесно да се запре. Ленин укажува дека империјализмот содржи сопствени противречности: концентрацијата на капитал, нееднаквоста и експлоатацијата неминовно создаваат отпор. Кризата на неолиберализмот може да се разбере како израз на тие противречности. Имено, кризата на неолиберализмот се манифестира, можеби во својата последна фаза, како криза на доминацијата на империјата чија глобална надмоќ е втемелена врз тие принципи. Агресијата од ваков тип е само обид да се успори тенденцијата на губење на доминацијата и да се купи време.
За жал, последиците од ваквите историски периоди се секогаш исти. Падот на империјата резултира со најголема деструкција околу себе, што во нуклеарна ера претставува закана за целото човештво.
Оттука, сметам дека излишна е секоја аргументација да им се објасни спротивното на сите оние кои ја оправдуваат агресијата врз Иран, Либан, Јемен, Газа и слично, поради некакви „човекови права“, или на оние кои мислат дека САД се во поход кон библиско-есхатолошки цели и слично. Крајната цел е да се уништи секоја алтернатива на доминантната идеологија која дава лоши резултати – неолиберализмот. Сите други изговори се само идеолошка надградба.
Иран е заедница која економско-финансиски речиси функционира по социјалистички принципи, како спротивност на доминантната идеологија на неолиберлизмот. Во Иран не само што главните природни богатства, како нафтата и гасот, се државни, туку образованието е бесплатно и многу успешно; истото важи и за здравствениот систем. Финансискиот систем е речиси исчистен од каматата, социјалната држава е доста развиена, а за културата воопшто да не зборуваме – со тоа ретко која земја може да се мери. И сето ова и покрај бруталните санкции наметнати од колективниот Запад.
Крајната цел е да се покаже дека ништо не е успешно освен приватниот бизнис под канџите на мултинационалните компании и глобалните финансиски институции, и, се разбира, комплементарната цел: да се присвојат националните богатства на народите за да се задоволат апетитите дома.
Но ете, понекогаш дијалектиката на историјата останува непредвидлива. Материјалните услови и идеите заедно ги обликуваат процесите што следуваат. Па како што вели стихот на Ливанели: „Злобникот да владее со векот нема“ (Eşkıya dünyaya hükümdar olmaz).

