Илиева: „Кафански фатализам и антикомунизам: Кога пасивноста станува најсилна одбрана на системот“

Постојат два типа “комунистички фаталисти“, а проблемот е што ниту едниот ниту другиот немаат никаква врска со комунизмот, освен тоа што постојано зборуваат против него.

Првиот тип е оној што во секој обид за колективна правда гледа закана. За него, секоја идеја за еднаквост е враќање назад и секоја социјална политика е економска пропаст, па така секој обид за организирање, најчесто во кафана, гласно и ревносно го осудува. Неговиот фатализам е длабоко вграден во убедувањето дека системот, ваков каков што е, е единствениот можен. Таков е светот денес – ти вели, како да многу напорно објаснува за временска прогноза, а не за односи на моќ. И ако приметивте, во таа реченица има повеќе идеологија отколку во сите книги за кои мисли дека не се релевантни за денешното општествено делување.

Вториот тип е уште погласен во кафана, помодерен е и на прв поглед пооптимистичен. Тој длабоко верува дека решението ќе дојде однадвор – од развиениот свет, големите сили, од пазарот што ќе си најде рамнотежа, обично САД. За него, историјата е нешто што се случува некаде на друго место, он не е никако инволвиран како обичен човек, ништо од нас не зависи и ние само треба трпеливо да чекаме “да нè зафати бранот”(Ова сте го слушнале по дебатни емисии повеќекратно). Тој додека испива голтка ов ракијата зборува за вредности, стандарди и интеграции, но ретко за работници, плати или нееднаквост. Неговата надеж е делегирана, префрлена на некој друг да ја реализира пошто го***та не стигнале до неговиот спрат.

И двата типа, и покрај сите разлики, делат една клучна претпоставка: дека луѓето не се субјекти на сопствената историја. Дека промената или е невозможна, или доаѓа однадвор. И во двата случаи, исходот е ист – пасивни се, прифаќаат што им се сервира и се помируваат со постојното тивко или гласно, апсолутно зависно од карактерот, апсолутно небитно.

И сега замислете: оние што најгласно се против идејата за општество засновано на солидарност и заедничка акција, најчесто се и оние што најмногу веруваат дека ништо суштински не може да се смени. Нивниот антикомунизам став не се БОРИ против некаква реална закана, туку се БРАНИ – чувство на страв и немоќ претворено во став. И овие два типа поим немаат дека вистинската спротивност на тој фатализам воопшто не е некаква верба во идеологија, туку просто општествата се менуваат тогаш кога луѓето ќе одлучат да не прифатат дека ете, таков е светот.

Како што ништо ново на светот не е, така и овој фатализам си има своја историска па и филозофска биографија.

Пример, овие два типа фаталисти аргументираат против нивниот длабоко омразен Маркс, за неговата критика насочена кон економскиот систем, ама забораваат на критиката кон начинот на кој луѓето учат да го прифаќаат како природен. Маркс пишува за тоа како општествените односи во капитализмот им се појавуваат на луѓето како нешто природно, дадено и неизбежно, иако тие се историски создадени преку човечки односи, интереси и класни борби. И овде овие кафански фаталисти ја прават грешката – и двајцата велат, ете гледаш природно е? Само што има разлика во нештата кои се природни и нештата кои изгледаат природни! Тоа е токму јадрото на фатализмот од кафана уверувањето дека она што постои – мора да постои. И се разбираат они некако па ајде

Живели, На здравје!

Па продолжуваат со Хегел (овој не е омразен пошто и десничарите мислат дека им припаѓа) , Во име на идејата дека историјата има логика, дека се движи низ конфликти и противречности. Ако Хегел гледа развој на слободата, денешниот фаталист гледа крајна станица.

Целиот свет би се сложил со тоа дека историјата ни дава доволно примери дека природниот поредок често бил само добро чувана илузија. Пред индустриските движења, експлоатацијата на работниците била исто толку нормална како што денес се претставуваат несигурните работни места или огромните разлики во богатство. Детскиот труд, работниот ден од 12 или 14 часа… сето тоа било дел од систем што луѓето го сметале за неизбежен. Дури кога луѓето престанале да го прифаќаат тоа како судбина, почнале промените.

Прашање до антикомунистичките фаталисти: зошто капитализмот толку лесно се брани со фатализам?

Одговор во прилог:

Прво, затоа што создава нееднаквости што сам не може да ги оправда без приказна за заслуженост. Кога мал број луѓе акумулираат огромно богатство, додека мнозинството се бори за основна сигурност, потребна е идеологија што ќе каже дека тоа е нормално, па дури и праведно. Фатализмот ја врши токму таа функција – ја претвора нееднаквоста во нешто што не може да се доведе во прашање. И вие се чудите зошто беспари во време на капитализам по неколку дена ве носат по хотели за некаква диплома која ВИ ТРЕБА и може да послужи како препорака за шестмесечно вработување во некоја НВО, како заслужен граѓанин, освестен и ретко писмен.

Второ, капитализмот често ја префрла одговорноста на индивидуата, игнорирајќи ги структурните услови. Ако не успееш – не си се трудел доволно. Ако успееш – тоа е твоја заслуга. Овој наратив звучи убедливо, но ги брише сите оние фактори што не зависат од поединецот: потекло, пристап до образование, социјални мрежи, историски контекст. Така, системот останува недопрен, а критиката се сведува на лични приказни, а личните приказни? Прекрасни. Касите во маркети преполни со дипломирани, магистрирани. Е добро, докторанти баш и нема, ама пак они имале пари за докторат, не зависат од таа плата да сме јасни.

И трето и најбитно, токму преку овие два типа од кафански фаталисти антикомунисти, капитализмот ја добива својата најсилна одбрана: ПАСИВНОСТА. Едниот тип вели дека ништо не може да се смени, другиот дека некој друг ќе го смени. Во двата случаи, нема колективна акција, нема вистинска политика, нема обид да се преиспитаат основните правила на играта. И тоа е тоа, чин – чин

Ај живели, На здравје!

Јас да си одам од кафанава, да тргнам накај дома, Па историјата не завршила, ниту пак ќе заврши таму каде што некој ќе прогласи дека ете, нема алтернатива. Напротив, секој таков момент е само пауза – време во кое луѓето или ќе се помират со улогата на набљудувачи, или ќе решат повторно да станат актери.

Прашањето не е дали системот е вечен. Прашањето е колку долго ќе продолжиме да се однесуваме како да е?