Пишува: Дамир Хајрединовиќ-Координатор на Сектор Политичка економија при политичката партија Левица
Во време на глобални кризи, војни, прекинати синџири на снабдување и ценовни шокови, едно прашање станува суштинско:
Дали државата воопшто има контрола врз сопственото преживување?
Стоковните резерви не се обична економска категорија. Тие се прашање на национална безбедност. Жито, нафта, основни прехранбени производи, тоа се ресурсите што ја делат стабилноста од хаосот. И токму затоа, секоја сериозна држава ги чува под своја директна контрола.
Кај нас? Државата формално е сопственик, но суштински, контролата е делегирана. Резервите се распоредени низ приватни магацини, силоси и резервоари. Со договори, со хартија, со уверувања.
Но реалноста на Балканот не се мери со хартија. Имаме бројни примери низ регионот каде „резервите“ едноставно исчезнуваат. На хартија постојат, во магацин, ги нема. Или уште полошо, постојат, но се неквалитетни, расипани или веќе продадени. Да, продадени. Затоа што приватниот интерес секогаш ќе бара профит, а не државна стабилност.
Овој модел создава опасна зона на сива економија. Резервите се „вртат“, се користат за трговија, се продаваат и повторно се пополнуваат, барем на хартија. Контролата е слаба, речиси непостоечка, инспекциите формални, а одговорноста разлеана помеѓу институции и договори.
И тука доаѓаме до суштината: Ако државата не знае точно што има, каде го има и во каква состојба е, тогаш таа не управува, туку се надева. А надежта не е стратегија.
Во кризни времиња, какви што живееме денес, со нестабилни пазари, геополитички тензии и реални ризици од недостиг на храна и енергенси, ваквиот систем не е само слаб. Тој е опасен.
Затоа мора да се постави јасна линија: Стоковните резерви мора да бидат под директна, физичка и оперативна контрола на државата. Не делумно. Не договорно. Не преку посредници.
Државата мора:
- да поседува сопствени складишта
- да има сопствени системи за управување
- да врши контрола без посредници
- и да носи целосна одговорност
Сè друго е импровизација со потенцијално катастрофални последици.
Балканот веќе има платено цена за вакви импровизации. Скандали со „испарени“ резерви, злоупотреби, фиктивни залихи, ова не се теории, туку факти. И наместо да учиме од тие грешки, ние продолжуваме да го одржуваме истиот модел.
Па затоа, прашањето не е техничко, прашањето е фундаментално: Ако државата не може сама да си го чува лебот и енергијата за своите граѓани, тогаш што воопшто значи да имаме држава?
Во време кога светот се затвора, кога секоја нација гледа како да се заштити, ние не смееме да си дозволиме да зависиме од туѓи магацини и приватни интереси.
Државата мора да се врати таму каде што ѝ е местото, како чувар на сопствената безбедност.
Сè друго е ризик што не смееме да го прифатиме.

