Ѓуровски: Дали и прехранбените производи ќе ја потврдат Македонија како земја на непријатни изненадувања

Пишува: Игор Ѓуровски-Член на сектор Политичка Економија при политичката партија Левица

Македонија не попусто некои ја викаат „мојата чудесна земја“. Мојата чудесна земја со децении наназад е полна со чудесни (воглавно непријатни) изненадувања. Тие, не сакајќи да нè разочараат, редовно се појавуваат во точно определен период од годината.

Воочи големиот христијански празник Велигден, повторно се поставува истото прашање: дали ќе бидеме изненадени од цените на храната што традиционално треба да се најде на нашите трпези? Дали цената на јајцата повторно ќе нè изненади, или пак јагнешкото месо? Цените на овошјето и зеленчукот веќе не можат ни да изненадат – тие и пред празниците се поразително високи.

Во услови на слаби недржавни капацитети, државата мора да се појави како сериозен чинител – во научниот развој, во следењето на современите трендови во производството на храна, како едукатор и поттикнувач на добри практики, а по потреба и како производител и дистрибутер. Таа треба да организира, да поддржува и да обезбеди праведен откуп, преработка и дистрибуција. Ниту еден дел од синџирот „нива–трпеза“ не смее да биде потценет или уценет, како што тоа со години се случува од страна на откупувачите и големите трговски синџири.

Секој треба да може да живее од она што најдобро го знае и го работи. Не може од фармерите, сточарите и малите производители да се очекува да бидат и маркетинг експерти, трговци или ТикТок инфлуенсери за да обезбедат фер цена за својот труд.

Живееме во време на брзи политички, економски и геостратегиски промени, каде условите се менуваат од ден на ден, без простор за навремено прилагодување. Затоа е неопходно што поскоро да се најде памет, сила и волја за да се создадат механизми со кои овие промени нема да нè погодат негативно, а можеби и ќе ни донесат корист.

За жал, кај актуелните политички елити и владејачката коалиција не се гледа ниту доволно визија, ниту сила, ниту волја да се гледа подалеку во иднината – иднина во која сите треба да влеземе подготвени и сигурни во себе.