Хајрединовиќ: Америка крвари, Трамп пумпа: Военото безумие што го ограбува американскиот работник

Пишува: Дамир Хајрединовиќ-Координатор на Сектор Политичка економија при политичката партија Левица

Доналд Трамп вчера на својата социјална мрежа објави дека „целосно го уништил“ иранскиот нафтен центар на островот Харк . Тој зборуваше за „најмоќното бомбардирање во историјата на Блискиот Исток“ со гордост со која некогаш се најавуваат рекордни профити на Вол Стрит. И токму таму е суштината на трагедијата. Ова не е војна за безбедност, туку најсуровата pump and dump шема во историјата, спроведена врз грбот на американскиот народ.

Ајде да погледнеме факти. Економските експерти веќу предупредуваат: секој скок на цената на нафтата од 30 долари го намалува американскиот економски раст за третина од процентниот поен. Инфлацијата, која малку се смири, повторно забрзано расте, а шпекулациите за намалување на каматите од страна на ФЕД сега се одложуваат за подоцна, можеби и за крајот на годината, ако воопшто се случат .

Што значи тоа за обичниот човек? Повисоки цени на пумпата, поскапи кредити, поскап живот. Во земја каде што нема бесплатно здравство, каде што нема бесплатно образование, каде што младите семејства се задавуваат од долгови за да испратат дете на факултет или да платат операција, секој дополнителен долар за бензин е долар одземен од иднината на децата.

А додека тој човек крвари, елитата околу Трамп заработува.

Кент, човек кој 11 пати бил во борбени зони и кој ја загубил сопругата во војна, поднесе оставка со крвав текст во кој директно го обвинува Трамп дека е излажан. Според него, целиот систем функционира врз база на лажни параметри, лажни дојави и измама, кампања на дезинформации предводена од израелски официјални лица и медиумите кои сакале да го вовлечат САД во нов конфликт.

Ова е најнепопуларната војна во историјата на Америка.

Податоците се неумоливи: CNN анкетата покажува дека 59 отсто од Американците се против воената акција врз Иран. Дури и тврдокорните поддржувачи на Трамп, како подкастерот Џо Роган, велат дека се чувствуваат изневерени. Кендрес Овенс сними подкаст насловен „Доналд Трамп ја изневери Америка“ кој собра 2.3 милиони прегледи за два дена .

Трамп им вети на гласачите крај на бескрајните војни. Тој вети „Америка прва“. Наместо тоа, тој отвори нов фронт, на Блискиот Исток влеа уште повеќе хаос, а сега американските носачи на авиони крстарат низ Персискиот Залив под закана од ирански проектили.

И додека тој се тепа на социјалните мрежи, вистинските бројки доаѓаат од економистите. Мудис Аналитикс предупредува: веројатноста за рецесија скокна на 49 отсто уште пред војната, а сега е сигурно над 50 отсто. Харвард професорот Меган О‘Саливен објаснува дека енергетската независност е мит, Американската економија е длабоко поврзана со глобалниот пазар и секој шок во Ормутскиот теснец се прелева врз американските семејства.

Што добивме од ова?

Израелскиот лобистички апарат ја туркаше оваа војна со децении. Американскиот разузнавачки апарат предупредуваше дека Иран не претставува непосредна закана. Но, Трамп, опкружен со луѓе кои гледаат само краткорочен профит и политички поени, ја повлече ракавицата.

Резултатот? Цената на нафтата вртоглаво расте. Економскиот раст успорува, Голдман Сакс веќе ја намали прогнозата за 2026 година на 2.6 отсто. А американскиот работник, оној кој го изгласа Трамп со верба дека ќе донесе мир и просперитет, повторно останува да ги брои трошоците.

Трамп ги изневери гласачите.

Тој не воведе мир, тој воведе хаос.

Тој не донесе просперитет, тој донесе инфлација.

Тој не ја стави Америка прва, тој ги стави профитерите од воената индустрија први.

Системот на кој функционира оваа администрација е базиран на лажни параметри. Лажни дојави за иранската закана. Лажни ветувања за брза победа. Лажни проекции за трошоците на војната (само првата недела чинеше 11.3 милијарди долари, а Пентагон дури сега почнува да брои ).

Агресијата врз Иран е морална, стратешка и економска катастрофа. И името на Доналд Трамп ќе остане запишано како претседателот кој на американскиот народ му го зеде последното,  мирот.