Ацески: Обвинувањата од ДПМНЕ за наводна помош од СДС се невистинити, бројките покажуваат поинаква слика

Претседателот на Советот на Општина Кривогаштани од Левица, Андреј Ацески, ги отфрли тврдењата на советници од ДПМНЕ дека СДС помогнал на локалните избори, оценувајќи ги како „лаги и клевети“ кои, според него, не се поткрепени со факти.

Во јавна објава, Ацески посочува дека изборните резултати во Кривогаштани покажуваат поинаков тренд од оној што го тврдат неговите политички опоненти. Според него, во двете избирачки места во општината, ДПМНЕ бележи пад од околу 65 проценти на гласовите споредено со парламентарните избори во 2024 година, додека на локалните избори во 2025 година Левица има зголемување од над 200 проценти.

Тој се осврна и на обвинувањата поврзани со финансиската состојба на општината. Според Ацески, најголем дел од долговите на Општина Кривогаштани биле создадени во период кога на чело на општината бил поранешен градоначалник од СДС, кој денес е, како што вели, истакнат член на ДПМНЕ.

Ацески тврди и дека дел од тие средства, како што наведува, можеби биле користени за партиски активности, вклучително и за кампањски настани.

Во објавата, тој ја критикува и иницијативата за прогласување финансиска нестабилност на општината, оценувајќи дека таа се повикува на одредби од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа од 2004 година, кои во меѓувреме биле изменувани неколкупати.

Тој порачува дека, според него, политичките клевети нема да ја вратат изгубената доверба кај гласачите, туку само дополнително ќе покажат зошто граѓаните престанале да им веруваат на нивните политички противници.