Судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжува: Папазов бара укинување на куќниот притвор

Поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој ја водеше општината во периодот кога се случи трагедијата во кабарето „Пулс“, побара од Судот да му биде укинат куќниот притвор и да му се изречат поблаги мерки за претпазливост. По поднесеното барање, Судот го повика Јавното обвинителство да се произнесе, но обвинителот побара за предлогот да се изјасни на следното главно рочиште, образложувајќи дека во овој момент „ги немаат сите информации“.

Во меѓувреме, судскиот процес за трагедијата во која животот го загубија 63 млади лица продолжи во судницата во затворот „Идризово“ со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство. За денешното рочиште беа повикани пет сведоци, но обезбедено беше присуство на четворица.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, семејствата на жртвите и јавноста. Во случајот се води постапка против повеќе од 30 физички и три правни лица, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.

Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на музичката група ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од Обвинителството.