Нова снимка укажува на удар со „Томахавк“ ракета на училиштето во Иран каде загинаа повеќе од 160 девојчиња

Нова видео-снимка објавена на интернет и потврдена од повеќе медиуми укажува дека американска крстосувачка ракета „Томахавк“ погодила област во близина на женското училиште во градот Минаб, во јужниот дел на Иран, каде што во нападот на 28 февруари загинаа повеќе од 160 лица, претежно ученички.

Снимката, првично објавена од иранската новинска агенција Мехр, наводно го прикажува моментот кога ракета удира во близина на објект на Исламска револуционерна гарда, кој се наоѓа веднаш до училиштето „Шаџарех Тајиба“ во Минаб. Анализите на видеото, сателитските снимки и геолокациските податоци ги потврдија неколку западни медиуми, меѓу кои и „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“.

Според извештаите, осум независни експерти за муниција изјавиле дека формата и карактеристиките на проектилот одговараат на американската крстосувачка ракета „Томахавк“, која се користи од американската морнарица и има дострел до околу 1.600 километри.

Нападот врз училиштето се случил на 28 февруари, на првиот ден од нападите врз Иран, и се смета за најсмртоносниот цивилен инцидент во тековниот конфликт. Според иранските власти, во нападот загинале меѓу 168 и 180 лица, од кои повеќето биле девојчиња на возраст од 7 до 12 години.

Истрагите на повеќе медиуми и истражувачки групи укажуваат дека ударот најверојатно бил извршен од американските сили, иако официјален Вашингтон ја негира одговорноста. Доналд Трамп изјави дека, според неговите информации, нападот можеби бил извршен од Иран, додека Пентагон соопшти дека го разгледува инцидентот.

Нападот предизвика силни меѓународни реакции, а Обединетите нации и бројни организации за човекови права побараа независна истрага за околностите под кои било погодено училиштето.