Учесниците носеа транспаренти со пораки против институционалната негрижа и родово базираното насилство, како „Трпи си, пријави си, умри си“, „Пресуда: Виновни сте за соучество во злосторство“, „Насилникот дома, а жртвата да бара засолниште?“, „Safe city, Unsafe Women“ и „Камерите гледаат, институциите мижат“.
Маршот годинава беше најброен од досегашните и започна со минута молк во чест на Ивана и Катја – мајка и ќерка кои неодамна починаа како последица на долгогодишно семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски.
Присутните побараа правда не само за нив, туку и за други жртви на фемицид, меѓу кои Ивана, Катја, Росица и Рамајана.
Говорничките на маршот порачаа дека фемицидот не започнува со последниот чин на насилство, туку многу порано, и дека семејното насилство мора да стане вистински приоритет за институциите. Тие посочија дека во јавноста често се слушаат оправдувања од сторителите, кои без срам изјавуваат „сама си го барала“.
„Како не ви е срам да порачувате да пријавуваме насилство и да не ги повлекуваме пријавите, кога системот не ги штити жртвите?“, порачаа говорничките, по што дел од присутните ги исвиркаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Маршот започна од Парк Жена Борец, продолжи низ центарот на градот, преку Рекорд и пред Влада на Република Северна Македонија, а заврши пред постаментот на македонската партизанка Вера Јоциќ. Учесниците положија цвеќе на местото каде што некогаш стоеше нејзината биста, која беше украдена во декември минатата година, а нова сè уште не е поставена.
Со овој чин, граѓаните им оддадоа почит на сите жени борци кои го посветиле својот живот на борбата за слобода и еднаквост.

