Лавров до арапските монархии: Не може да го осудувате само Иран без да ја осудите агресијата на САД и Израел

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, упати критики кон одредени арапски монархии, обвинувајќи ги за, како што рече, „двојни стандарди“ во однос на актуелниот конфликт на Блискиот Исток.

Лавров изјави дека голем број арапски држави јавно порачале дека ситуацијата не треба да се турка кон воено решение и дека нема да дозволат нивниот воздушен простор да се користи за воени операции. Сепак, според него, кога започнале нападите, тие не ги осудиле постапките на САД и Израел.

Тој посочи дека се слушаат информации дека некои земји, меѓу кои и Бахреин, подготвуваат предлог-резолуција во Совет за безбедност на Обединетите нации која би ја осудила, како што се наведува, „агресијата на Иран“, без притоа да се споменат постапките на САД и Израел.

Лавров оцени дека таквиот пристап не придонесува за намалување на тензиите и повика на обединет меѓународен напор за прекин на војната. Според него, ставот дека Иран нема право да одговори на нападите само ги охрабрува САД и Израел да продолжат со воените операции.